Прво гостување на Петер Маѓар на јавниот сервис: „Сега се преправате дека сте слободен медиум, на оваа фабрика за лаги ќе ѝ дојде крај“

Победникот на неделните избори во Унгарија, Петер Маѓар, утрово, гостувајќи во јавните медиуми на кои за време на кампањата ниту еднаш не беше поканет, меѓу другото порача: „Му служевте на военото лудило на владата, ширевте страв меѓу децата и постарите“, пренесува 444.hu

од Кристијан Димков
135 прегледи Петер Маѓар; Фото: Јутјуб/Принтскрин

Маѓар последен пат бил во седиштето на унгарскиот јавен медиумски сервис МТВА во есента 2024 година.

Настапот на јавниот радио „Кошут“ започна во термин кој вообичаено во петок во 7:30 часот беше резервиран за Виктор Орбан, а потоа, 40 минути подоцна, учествуваше во емисија во живо на јавниот сервис М1.

Двата разговора поминаа во исклучиво напната атмосфера, при што Маѓар се жалеше на пропагандата што МТВА ја водела против него, додека водителите реагираа на тоа што ги нарекува пропагандисти.

Веќе во првите минути од радиоинтервјуто стана јасно дека во седиштето на јавната телевизија продолжува истата реторика, на што придонесе и самиот Маѓар со својот изразито конфронтирачки воведен монолог.

„Последен пат бев овде пред повеќе од година и пол, на 26 септември 2024 година, а за повторно да влезам, беше потребна досега невидена поддршка од повеќе од 3,3 милиони луѓе. Откако владејачката партија претрпе невиден пораз, некои тука се обидуваат да се преправаат дека ова е слободен медиум. Сепак, еден од нашите први чекори по формирањето на владата ќе биде укинување на информативната служба на овој пропаганден медиум“, започна Маѓар.

Тој нагласи дека не станува збор за лична работа, туку за правото на секој унгарски граѓанин на јавен сервис што ја пренесува реалноста. Ја обвини МТВА дека „му служела на военото лудило на владата, ширела страв меѓу децата и постарите“ и порача дека тоа мора да има последици.

Најави потреба од нов медиумски закон и нов медиумски совет, тврдејќи дека во владините пропагандни медиуми „се водела таква пропаганда што и Гебелс или севернокорејскиот лидер би си ги лижеле сите десет прсти“.

Водителот остро реагираше, што беше невообичаено во споредба со претходните интервјуа со Виктор Орбан. За време на монолозите на Маѓар го прекинуваше со прашања како: „Дали смеам како новинар да поставам прашање во име на слободата на медиумите?“

Исто така се бранеше од обвинувањата: „Оваа куќа постојано ја навредувате, а ве слушаат 600 илјади луѓе“, тврдејќи дека тие не се виновни ако гостите во студиото изнесувале невистини.

„Мило ми е што слободата на медиумите одеднаш стана толку важна во оваа просторија“, возврати Маѓар, додавајќи дека никогаш не слушнал вработени во јавните медиуми да прекинуваат некого додека се изговарале тие лаги.

Кога успеа да дојде до збор, водителот го праша Маѓар како планира да ги врати средствата од фондовите на ЕУ.

Маѓар започна да набројува четири точки, но водителот повторно го прекинуваше. „Имам чувство дека сум тука некаков жртвен јарец. Ме слушаат 600 илјади луѓе, обратете им се на слушателите“, рече Маѓар во еден момент, додека водителот се пожали: „Новинар сум 33 години, зошто постојано ме напаѓате?“

Маѓар одговори дека неговата партија има конкретна програма и дека 600 милијарди форинти (околу 1,6 милијарди евра), колку што владата на Фидес потрошила на пропаганда, можеле многу подобро да се искористат, на пример во здравството.

Својот настап во јавните медиуми Маѓар го продолжи во телевизиското студио. И таму повтори дека нема лична огорченост, но дека „на оваа фабрика за лаги ќе ѝ дојде крај по формирањето на владата“. Рече дека со лаги бил клеветен, како и неговото семејство и соработниците, на што водителот возврати дека неговото семејство не го споменувале.

Кога Маѓар забележа дека од неделата сепак се гледаат промени, како директен пренос на неговата прес-конференција, водителот дофрли: „Со оглед на тоа што тоа ви следува по функција“.

Маѓар повтори дека владата на партијата Тиса ќе исполни четири услови за пристап до фондовите на ЕУ: приклучување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, враќање на независноста на истражните органи, враќање на независноста и слободата на унгарските медиуми и запирање на недозволената државна поддршка на пропагандата.

Уште еднаш тврдеше дека владата годишно трошела 600 милијарди форинти на „злобна, лажлива пропаганда“. Како четврто ветување го наведе враќањето на академската слобода и универзитетската автономија.

Слични содржини