Што ја очекува Украина по војната? Младите заминаа: наталитетот опаѓа – нема работна сила

Украина во моментов се соочува со сериозен недостиг на работна сила и пад на стапката на наталитет, додека привлекувањето мигранти од посиромашни земји нема да биде доволно за да ги реши сите проблеми, пишува „Украинска правда“

од Кристијан Димков
16 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Поради војната, голем број граѓани ја напуштија земјата и стекнаа статус на бегалци, додека стапката на наталитет падна на критично ниско ниво.

Обединетите нации во октомври минатата година проценија дека повеќе од 5,8 милиони Украинци се наоѓаат во странство, од кои 5,2 милиони престојуваат во Европа како бегалци, што дополнително ги продлабочува проблемите на пазарот на труд во земјата која веќе се соочува со значителен недостиг на работна сила.

Раководителот на Канцеларијата за миграциска политика, Васил Воскобојник, изјави дека, според проценките, Украина би можела да привлече до 300.000 мигранти годишно.

„Пред војната, во нашата земја секоја година се раѓаа меѓу 200.000 и 250.000 луѓе, додека умираа околу половина милион. Тоа значи дека бројот на населението секоја година се намалуваше за 250.000 до 300.000. За да ја одржиме големината на популацијата, би требало да привлечеме ист број мигранти од странство“, изјави тој.

Според него, во периодот пред почетокот на војната, во 2020 и 2021 година, Државниот центар за вработување издавал и продолжувал околу 20.000 до 22.000 работни дозволи годишно, додека во 2025 година тој број изнесувал нешто повеќе од 9.500.

„Проценките на експертите укажуваат дека во наредните пет до десет години е реално да се очекува доаѓање на десетици илјади странски работници, но во моментов нема основа за очекувања за стотици илјади“, наведе Воскобојник.

Тој додаде дека е малку веројатно Украина да стане нова „Мека“ за голем број мигранти, како и дека се сомнева во тезата дека голем бран странци кои бараат подобра финансиска иднина ќе се упати кон Украина.

„Дури и ако земјата се обиде да привлече стотици илјади луѓе, тие ќе имаат избор и повеќе ќе се определат за побогати држави, како Полска или Германија, каде што платите се повисоки“, оцени тој.

Директорката на Институтот за демографија и општествени истражувања „М.В. Птуха“, Ела Либанова, истакнува дека Украина нема да може без работни мигранти, но и дека по завршувањето на војната се очекува обнова по моделот на американскиот „Маршалов план“.

„Светската банка работи на тоа, а планот веќе е подготвен. Учествував во неговата изработка и можам да потврдам дека предвидува значителен раст на потребата за работна сила“, рече Либанова, нагласувајќи дека најголемата побарувачка ќе биде за градежни работници.

Институтот за демографија при Националната академија на науките на Украина проценува дека бројот на населението ќе продолжи да опаѓа и дека би можел да достигне 25 милиони до 2051 година. Во исто време, очекуваниот животен век е намален – кај мажите од 65,2 на 57,3 години, а кај жените од 74,4 на 70,9 години.

Според прогнозите на Обединетите нации, Украина би можела да има и еден од најниските удели на млади во светот, со само 6,6 отсто од населението на возраст од 15 до 24 години. Владините претставници планираат низа мерки за поттикнување на демографското закрепнување, вклучително и развој на системот на социјални услуги, изградба на достапни и безбедни градинки, воведување флексибилни услови за работа за родителите, како и програми за поволни кредити за решавање на станбеното прашање.

Со цел враќање на граѓаните од странство, планирана е обнова на станбените објекти и инфраструктурата, доделување грантови за започнување сопствен бизнис, како и изградба на нови засолништа.