Бајден нареди напади во Сирија, прва воена акција откако стана претседател

од Vladimir Zorba
184 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден нареди воздушни напади во источна Сирија во четвртокот, пишува денес Гласот на Америка (ВОА), наведувајќи дека ова е прва американска воена акција откако Бајден стана претседател.

„Според директивата на претседателот Бајден, американските воени сили извршија воздушни напади врз инфраструктурата што ја користат екстремистички групи поддржани од Иран во источна Сирија“, рече портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

Според соопштението на Пентагон, мета била инфраструктурата на екстремистичките групи поддржани од Иран, а акцијата била спроведена како одговор на неодамнешните ракетни напади врз американски цели во Ирак.

Според Гласот на Америка, воздушните напади очигледно биле од ограничен обем, што го намалува ризикот од ескалација.

Одлуката на Бајден САД да извршат напади само во Сирија, а не и во Ирак, барем засега, и дава на ирачката влада време да спроведе сопствена истрага за нападот на 15 февруари во кој беа ранети Американци.

„Претседателот Бајден ќе реагира за да ги заштити американскиот и коалицискиот персонал. Во исто време, дејствувавме на осмислен начин, чија цел е деескалација на ситуацијата во источна Сирија и Ирак“, рече Кирби.

Тој додаде дека нападите уништиле неколку објекти во близина на еден граничен пункт, што го користат неколку милитантни групи поддржани од Иран, вклучително и Катаиб Хезболах и Катаиб Сајид ал-Шухада.

Сириската опсерваторија за човекови права објави дека најмалку 17 проирански борци биле убиени во американските напади во Сирија, во близина на границата со Ирак.

„Во нападите беа уништени три камиони муниција. Има многу мртви“, рече директорот на Опсерваторијата, Рами Абдел Рахман.

Тој изјави дека според првите податоци биле убиени најмалку 17 членови на коалицијата на проирански ирачки паравоени формации.