Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека поротата едногласно ја утврдила вината на Доналд Трамп, па затоа ги окарактеризира потегот на поранешниот шеф на државата да го прикаже судскиот процес против него како политички мотивиран како „непромислен“, „опасен“ и „неодговорен“.
Еден ден откако 12-члената порота во кривичниот суд во Њујорк го прогласи Трамп за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување документи за да прикрие дека потрошил пари за време на претседателската кампања во 2016 година за да спречи порно актерка да зборува за нивната сексуална афера, Бајден оцени дека резултатот беше „реафирмација на американскиот принцип дека никој не е над законот“.
Тој истакна дека поротата слушала докази пет недели пред да ја донесе својата одлука и дека Трамп може да се жали на таа одлука како и секој американски државјанин осуден за кривично дело.
Бајден го критикува Трамп затоа што, според него, тој се обидува да ги поткопа важните принципи сугерирајќи дека администрацијата на Бајден политички ја наложила постапката.
„Несовесно е, опасно е, неодговорно е некој да каже дека ова е наместено само затоа што не му се допаѓа пресудата“, рече Бајден.
Тој додаде:
„Треба да се почитува правосудниот систем и никогаш не смееме да дозволиме некој да го поткопува“.
Бајден ја даде изјавата во Вашингтон по враќањето од Делавер, каде ја одбележа деветгодишнината од смртта на неговиот син. Затоа не се огласи веднаш кога дозна за пресудата против Трамп.