Претседателот на САД, Џозеф Бајден, го поздрави „неверојатниот напредок“ што САД го постигнаа во последните месеци во борбата против пандемијата Ковид-19.
„Уште ни претстои долг пат, но постигнавме неверојатен напредок“, рече Бајден во обраќањето во Белата куќа.
Тој посочи на забележителен пад на бројот на случаи на инфекција и бројот на смртни случаи од коронавирус.
„Многу е едноставно, ако сте вакцинирани, можете да направите повеќе работи, и одвнатре и однадвор“, додаде Бајден, повикувајќи се на најновите упатства за ублажување на носењето маски надвор објавени од здравствените власти.
Бајден ги помина првите 100 дена на должност охрабрувајќи ги Американците да носат маски и да останат дома за да го забават ширењето на коронавирусот. Неговата задача во следните 100 дена ќе биде да го посочи патот назад во нормала.
Кога ја презеде функцијата, тој делуваше брзо за да ги реши проблемите со снабдувањето со вакцини и повеќе од тројно го зголеми капацитетот на земјата за вакцинирање против Ковид-19.
Но, за крај на пандемијата на коронавирус, што е главниот предизвик на неговото претседателствување, ќе треба, покрај вакцинирањето на луѓето, и силен план за да и се помогне на нацијата да излезе од една година изолација, нарушување и конфузија.