Бајден ни го честита Денот на независноста: Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски

од Nikola Popovski

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека американскиот претседател Џо Бајден испратил писмо, во кое го честита Денот на независноста, 8-ми септември. Тој вели дека одбележувајќи се оваа прилика, ние исто така ја одбележуваме 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу нашите две нации.

-Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски, како и нашите заеднички демократски вредности и посветеност на човековите права. Нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат, вели Бајден во честитката.

Тој упатува благодарност што оваа година бевме домаќин на мултинационалната вежба „Решителен удар 21“ во Центарот за воена обука „Криволак“ и што повторно ги покажавме водечките капацитети и подготвеноста на Северна Македонија.

-Како што Вашата земја продолжува да напредува – зголемување на просперитетот за сите Ваши граѓани, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на Вашите демократски институции – САД остануваат Ваши силни и непоколебливи поддржувачи. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Северна Македонија на патот на спроведувањето на реформите што ќе ја обезбедат европската иднина на Вашата земја, вклучително и пристапувањето во Европската Унија. Ви посакувам безбеден и среќен Ден на независноста и Ви благодарам за Вашето долгогодишно пријателство, се вели во писмото на Бајден испратено до претседателот Пендаровски.

Слични содржини