Бајден одобри 800 милиони долари воена помош за Украина

од Nikola Popovski
281 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден одобри нова воена помош од 800 милиони долари за Украина, која вклучува артилерија и хеликоптери за зајакнување на нејзината одбрана од засилената руска офанзива на истокот на земјата.

По разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Бајден најави дека Соединетите држави ќе ја дадат оваа дополнителна помош и се согласија со него да ја координираат испораката. Тој рече дека помошта вклучува артилериски системи, оклопни возила и хеликоптери.

„Новиот пакет помош ќе вклучи многу од високоефикасните системи за оружје што веќе ги испорачавме и нови способности прилагодени на поширокиот напад што очекуваме Русија да го изврши во источна Украина“, рече Бајден во изјавата.

Бајден рече дека САД ќе продолжат да обезбедуваат оружје и ресурси со своите сојузници додека трае конфликтот.

„Постојаното снабдување со оружје обезбедено од САД и нивните сојузници за Украина беше критично за одржување на нејзината борба против руската инвазија. Тоа помогна да се осигура дека (рускиот претседател Владимир) Путин не ги реализира своите првични планови да ја преземе и контролира Украина. „Не можеме да запреме сега“, рече Бајден.

Слични содржини