Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потпиша Закон за контрола на оружјето, кој го поддржаа и демократите и републиканците, и на тој начин ја спроведе првата реформа во врска со трговијата со оружје на федерално ниво во земјата во последните три децении.
„Ова е монументален ден. Со Божја помош, ќе се спасат многу животи“, изјави американскиот претседател од Белата куќа.
Законот, кој Бајден го потпиша денеска, вклучува одредби со кои се спречува продажбата на оружје на оние за кои се смета дека претставуваат опасност за себе или за другите и забранува продажба на оружје на оние кои се осудени за злоставување на невенчаните љубовни партнери.
Законот не забранува продажба на автоматски пушки или рамки со голем капацитет, пренесуваат светските медиуми.