Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден утрово допатува во Германија, каде што ќе учествува на самитот на Групата седум индустриски развиени земји (Г7) во германскиот град Елмау, на Баварските Алпи.
Посетата Бајден ќе ја отвори со билатерална средба со домаќинот на самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц, а потоа ќе има формални и неформални разговори со лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Европската Унија. јавува АП.
Тој и другите лидери на Г7 ќе се обидат да изградат стратегија за обезбедување на енергетски резерви и борба против инфлацијата, со цел да се спречат последиците од конфликтот во Украина.
Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа, рече дека самитот ќе се однесува на прашања како што се инфлацијата и други „предизвици во глобалната економија кои произлегуваат од „војната на Путин“, пренесе АП.
Меѓу прашањата за кои ќе се разговара се ограничувањата на цената на енергијата, кои имаат за цел да го намалат профитот на Русија од нафтата и гасот, изјави американската министерка за финансии Џенет Јелен, пренесе американската агенција.
Официјалните лица, исто така, треба да разговараат за тоа како да се однесуваат одговорно во однос на климатските промени, а истовремено да ги задоволат критичните потреби во снабдувањето со енергија.
Се очекува Бајден денеска официјално да започне глобално инфраструктурно партнерство, кое го нарече „Градење подобар свет“, со цел да се спротивстави на влијанието на Кина во земјите во развој.
По Германија, Бајден во вторник ќе отпатува за Мадрид за да се сретне со лидерите на 30 членки на НАТО со цел да ја координира стратегијата за конфликтот во Украина, наведува АП.