Американскиот претседател Џо Бајден слета во Жешов, Полска, во петок за да ги види од прва рака меѓународните напори да им се помогне на милиони Украинци кои бегаат од војната во нивната земја и да ги посети американските трупи кои го зајакнуваат источното крило на НАТО.
На аеродромот Жешов-Јасионка, Бајден доби извештај за помош на цивилите кои бегаат од руските напади, од кои повеќето пристигнаа во Полска.
Тој во четвртокот пред новинарите во Брисел изјави дека неговата посета „ќе ја покаже уште еднаш подготвеноста на САД да пружат хуманитарна помош за луѓето внатре и надвор од Украина“.
Бајден подоцна ќе се сретне со членовите на американската 82-та воздушна дивизија распоредена таму за зајакнување на источното крило на НАТО.
Тој во петок навечер ќе отпатува за Варшава на разговори со претседателот Анджеј Дуда. Според Белата куќа, тој треба да одржи многу важен говор во сабота.
Полска се надева дека посетата на Бајден ќе го потврди американското ветување дека ќе ја брани „секој сантиметар“ од територијата на НАТО. Варшава, исто така, сака повеќе американски војници на источните граници на Алијансата.