Американскиот претседател Џозеф Бајден официјално прогласи природна катастрофа на Флорида по ударот на ураганот Ијан, еден од најсилните досега регистрирани во САД.
По иницијативата на претседателот, ќе бидат испратени федерални средства за помош на државните и локалните напори за обновување, вклучително и расчистување на урнатините, одговорот во итни случаи и ублажувањето на опасностите.
Дополнително, федералните фондови ќе им бидат достапни на поединци во одредени окрузи, од кои многу се во централна Флорида, што ќе им овозможи да „аплицираат за грантови за привремено домување и реновирање на домови, заеми со ниски камати за покривање на загубите поради неосигурен имот и други програми за да им помогнат на поединците и сопствениците на бизниси да се опорават од последиците од катастрофата“.
Инаку, администрацијата на Бајден веќе и пружи голема помош на Флорида.
„Никогаш не сме виделе ваква поплава. Никогаш не сме виделе бура од ваква јачина“, изјави гувернерот на Флорида, Роналд Десантис, објави Гардијан.
„Штом помина бурата, првите локални, државни и федерални служби за итни случаи се упатија кон југозападна Флорида во раните часови по полноќ“, рече Десантис.
Тој, исто така, го опиша невремето и штетите што ги предизвика како „историски“.
За Флорида, 26 држави дадоа поддршка и „ќе се искористи“, рече гувернерот.
Бројот на жртви низ целата земја не е потврден, нагласи тој.
Но, потврдено е дека граѓаните кои останале заробени во своите домови поради поплавата упатиле бројни повици до полицијата и пожарникарите. Десантис додаде дека „имаме два непотврдени смртни случаи“ кои можеби се поврзани со невремето.