Бајден прогласи состојба на катастрофа во Тексас

од Vladimir Zorba
165 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи состојба на катастрофа во сојузната држава Тексас, погодена од смртоносен леден бран, објави денеска Белата куќа.

Бајден побара од федералните агенции да обезбедат дополнителни средства за ублажување на страдањата на населението.

Околу 70 лица загинаа во ледениот бран низ САД, од кои над 12 замрзнаа во домови кои останаа без греење.

Поголемиот дел од ваквите смртни случаи се во Тексас, каде имаше сериозни нарушувања во снабдувањето со електрична енергија и вода во претходните денови.

Со расчистување на снегот и мразот по неколку дена невообичаено студено време, спасувачите пронајдоа тела на луѓе кои очигледно замрзнале додека се обиделе да се загреат кога милиони жители на Тексас останаа без електрична енергија.

Скоро половина од жителите на Тексас вчера имаа проблеми со водоснабдувањето.

По еден месец на должност и борба со епидемијата на коронавирус, вештините на Бајден сега се тестираат во силната снежна бура во Тексас, Оклахома и други држави, оставајќи милиони без струја и греење, а многумина без вода.

Бајден стана претседател на 20 јануари, со ветувања дека ќе се справи со пандемијата на коронавирус и нејзините економски последици, притоа давајќи приоритет на борбата против системскиот расизам и климатските промени.

Невремето сега ја отежнува борбата против епидемијата бидејќи спречи дистрибуција на милиони дози вакцини.