Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Владимир Путин отворено и се заканувал на Европа со нуклеарно оружје, додавајќи дека Русија повикува повеќе војници во борба и дека Кремљ се обидува да анектира делови од Украина.
– Светот треба да ги види овие безобразни дела какви што се – рече тој.
Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, тој додаде дека никој не и се заканувал на Русија, и дека само Русија сака војна и дека тоа е војна на еден човек, пренесе Ројтерс.
Бајден додаде дека војната е започната за да се уништи правото на Украина да постои како држава и правото на Украинците да постојат како народ.
– Каде и да сте, каде и да живеете, во што и да верувате… Тоа треба да ви ја заледи крвта во вените, рече Бајден.
– Ако нациите можат да ги остварат своите империјални амбиции без последици, тогаш го загрозуваме сето она за што се залага оваа институција – истакна американскиот претседател.
-Украина ги има истите права што и припаѓаат на секоја суверена нација. Ќе се солидаризираме со Украина против руската агресија, точка – рече Бајден.