Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц разговараа за ситуацијата во Источна Европа.
-Мислам дека Путин знае дека инвазијата на Украина би била огромна грешка, рече Бајден, додавајќи дека во случај на таков напад, нема да има Северен тек 2. Во меѓувреме, Пентагон соопшти дека Русија продолжува да распоредува војници долж границата со Украина, но моментално не се директно насочени кон источното крило на НАТО.
САД и Германија се обединети во решавањето на прашањето за руската агресија во однос на украинската криза, изјави американскиот претседател Џозеф Бајден на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Германија е еден од најблиските американски сојузници“, рече Џо Бајден на состанокот во Белата куќа, додавајќи дека двете земји „работат заедно за да ја спречат руската агресија во Европа“, пренесува Ројтерс.
Бајден рече и дека мисли оти Владимир Путин знае дека нападот врз Украина би бил огромна грешка и дека во тој случај нема да има Северен тек 2.
Тој рече и дека Американците кои се во Украина, покрај дипломатите од САД, треба да ја напуштат Украина, поради можна руска инвазија.
Во исто време, Пентагон објави дека Русија продолжува да распоредува воени сили долж границата со Украина.
„Дури и во текот на викендот видовме дека Путин распоредува дополнителни воени капацитети долж границата со Украина и Белорусија“, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Сепак, Кирби истакна дека во моментов руските сили не се директно насочени кон источното крило на НАТО.
Тој исто така додаде дека американските војници не добиле наредба повторно да се подготват за стационирање.