Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, истакна дека неговата земја и Германија се решени да го завршат процесот на интеграција на Западен Балкан во европските институции и на тој начин да постигнат целосна, слободна и мирна Европа, јавува Анадолија.
Бајден во понеделникот во Вашингтон се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, а по средбата истакна дека имале исклучително конструктивен разговор и додаде дека ќе продолжи да работи на зајакнување на алијансата и сеопфатното партнерство меѓу САД и Германија.
Бајден и Шолц посветија најмногу внимание на руската закана за Украина. Двајцата лидери рекоа дека бараат дипломатско решение за ситуацијата.
„Јасно ставивме до знаење дека сме подготвени да ги продолжиме разговорите во добра волја со Русија. Германија, исто така, беше лидер во туркањето на деескалација на тензиите и охрабрувањето на дијалогот преку форматот Нормандија. Но, ако Русија одлучи да продолжи да ја напаѓа Украина, ние сме подготвени заедно и целото НАТО е подготвено. Денеска канцеларот и јас разговаравме за нашата блиска соработка и развивме силен пакет санкции кои јасно ќе ја покажат меѓународната решителност и ќе наметнат брзи и тешки последици доколку Русија ги наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, рече Бајден.
Тој рече дека разговарале и за предизвиците за меѓународниот поредок кои доаѓаат од Кина, Русија и другите конкуренти кои се стремат кон повеќе нелиберални иднини. Бајден додаде дека се согласил со канцеларот Шолц да работи заедно за да се осигура дека правилата и принципите што ги регулираат новите технологии се насочени кон промовирање на слободата на можностите, а не на репресија или авторитаризам.
Една од темите на средбата била и Западен Балкан, за што Бајден зборуваше по средбата.
„Исто така, ја потврдивме нашата посветеност да ја завршиме работата за интегрирање на Западен Балкан во европските институции и конечно да создадеме една Европа која е цела, слободна и во мир“, рече Бајден.
Бајден понатаму рече дека САД и Германија се блиски пријатели и сојузници на различни меѓународни платформи и на билатерално ниво и дека не постои прашање од глобално значење во кое Германија и САД не работат заедно.