Американскиот претседател Џо Бајден го поддржа повикот на ЕУ да се воведат насочени економски санкции и други мерки за Белорусија и ѝ нареди на администрацијата да преземе соодветни мерки за да ги повика на одговорност лицата вмешани во инцидентот со авионот на „Рајанер“ и апсењето на еден од основачите на каналот на Телеграм „Neksta“ Роман Протасевиќ.
„Се придружувам на многуте повици на меѓународна истрага за разјаснување на фактите за тој настан. Ги поздравувам најавите дека ЕУ побара воведување насочени економски санкции и други мерки“, рече Бајден.
Претседателот на Соединетите држави смета дека последните настани се „навреда за меѓународните норми“.
„Фактот дека Белорусија насилно го смени правецот на комерцијалниот авион што леташе од една во друга земја на ЕУ, како и апсењето на Роман Протасевиќ, се директно навредување на меѓународните норми“, се наведува во изјавата на Бајден.
Во таа насока, тој посочи дека Соединетите држави најостро ги осудуваат тие постапки на Минск.
Во исто време, во соопштението се наведува дека е можно снимката од распитот на Проташевиќ да е снимена под присила.
„Заедно со другите земји, САД бараат негово ослободување, како и стотици политички затвореници“, додаде Бајден.
Тој изрази поддршка за белорускиот блогер Протасевиќ и поранешната претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја.
„Соединетите држави продолжуваат да го поддржуваат белорускиот народ во нивната борба“, рече тој.