Претседателот на САД Џозеф Бајден денеска се сретна со сопругата и ќерката на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија и Даша Навалнаја.
Белата куќа соопшти дека Бајден „го изразил своето восхитување за исклучителната храброст на Алексеј Навални и неговото наследство во борбата против корупцијата кон слободна и демократска Русија во која владеењето на правото ќе се применува подеднакво за сите“.
Тој оцени дека наследството на Навални ќе продолжи да живее преку луѓето ширум Русија и светот кои ќе жалат за неговата загуба и ќе се борат за слобода, демократија и човекови права. Средбата со Јулија и Даша Навалнаја се одржа еден ден пред усвојувањето на очекуваниот нов круг американски санкции против Русија, делумно поради смртта на Навални.
На состанокот Бајден потврдил дека неговата администрација „утре ќе објави нови големи санкции против Русија како одговор на смртта на Алексеј, руската репресија и агресија и нејзината брутална и незаконска војна во Украина“.