Бајден: Секоj упад на руски војници во Украина ќе се смета за инвазија

од Nikola Popovski
236 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден денеска увери дека секое влегување на руски војници на украинска територија ќе се смета за „инвазија“, откако предизвика лута реакција од Киев, бидејќи тој ден претходно зборуваше за „малиот упад“ на Русија во Украина.

Бајден беше жестоко критикуван за вчерашната изјава дека рускиот „мал упад“ во Украина ќе доведе до не многу силен одговор.

Американскиот претседател рече дека бил „апсолутно јасен“ кога во разговор со рускиот претседател Владимир Путин рекол дека „ако група руски единици, какви и да се тие, премине на украинска територија, тоа е инвазија“.

„Тоа би предизвикало остар и координиран економски одговор за кој разговарав со нашите сојузници“, додаде Бајден во изјавата за новинарите пред состанокот за неговите инфраструктурни проекти.

„Не треба да има сомнеж дека ако Путин го направи тој избор, Русија ќе плати многу скапо“, додаде Бајден.

Тој додаде дека ова не е единственото сценарио за кое треба да се подготви.

„Русија има долго искуство во мерки на агресија кои не вклучуваат отворена воена акција“, додаде Бајден, посочувајќи на дејствија што би можеле да ги спроведат руски војници кои не се во руска униформа или на сајбер напади.

„Треба да бидеме подготвени подеднакво да одговориме на тоа на единствен и одлучен начин“, рече Бајден.

„Сакаме да ги потсетиме големите сили дека нема помали упади и мали нации“, остро одговори украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на Твитер.

Во обид да ја разјасни американската позиција, американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупреди денеска во Берлин дека САД и нивните сојузници ќе одговорат брзо и остро доколку Русија испрати воени сили во Украина.

 

Слични содржини