Бајден вети дека ќе ги казни оние што стојат зад хакерскиот напад врз американската влада

од Vladimir Zorba
152 прегледи

Избраниот претседател Џо Бајден во четвртокот рече дека „многу загрижувачки“ беа неодамна откриените хакерски напади врз американските владини институции и тој вети дека ќе дејствува брзо во моментот кога ќе ја преземе функцијата следниот месец.

Бајден, кој официјално ќе стане претседател на 20 јануари, рече дека сајбер безбедноста ќе биде врвен приоритет за неговиот тим и дека одговорните за ваквите напади ќе плаќаат „висока цена“.

„Нашите противници треба да знаат дека јас како претседател нема да седам со скрстени раце додека се случуваат сајбер напади врз нашата нација“, рече тој во изјавата.

„Политико“ во четвртокот, повикувајќи се на извори запознати со случајот, напиша дека Министерството за енергија на САД и Националната управа за нуклеарна безбедност, која управува со нуклеарниот арсенал во земјата, имаат докази дека хакерите успеале да влезат во нивните мрежи.

Американските медиуми пишуваат дека официјалните лица се сомневаат дека сајбер нападот го извршиле руски хакери, што Русија го негира.

Агенцијата за сајбер безбедност и инфраструктура (ЦИСА) изјави дека е тешко да се открие упадот и дека нема да биде лесно да се отстрани софтверот што бил вметнат во компјутерските системи.

ЦИСА не откри кои агенции или инфраструктура биле нападнати или какви информации биле земени за време на хакирањето, што, како што претходно беше кажано, започна во март.

Оттаму не наведуваат кого го сметаат одговорен за нападот, но нагласуваат дека станува збор за „трпелив, фокусиран противник со изобилство финансиски средства, кој извршувал активности подолг временски период“.

Се забележува дека американските власти ќе ги преземат неопходните мерки за да се заштитат од сајбер напади.

„Спречувањето закани на компјутерите секако ќе биде многу сложен и предизвикувачки процес“, се вели во соопштението.