Американскиот претседател Џо Бајден изрази голема загриженост за иднината на американско-украинската соработка во борбата против Русија.
Бајден смета дека евентуалната победа на републиканците на изборите за Сенатот и Претставничкиот дом може да биде погубна за Украина бидејќи републиканците најавија дека, доколку победат, нема така лесно да испратат милијарди долари во Украина.
„Дали слушнавте што зборуваат тие ликови? Тие не разбираат ништо. Тие не разбираат дека потезите што ги прави Америка одредуваат што ќе прави остатокот од светот. Целиот свет нè гледа како лидер, а тие немаат појма за американската надворешна политика“, рече Бајден и продолжи:
„Ова не е само за Украина, туку и за цела Источна Европа и за НАТО. Тоа се исклучително сериозни и важни потези, а откажувањето на помошта за Украина може да биде голем проблем. Тие едноставно не го разбираат тоа“.
Најистакнатиот републиканец, Кевин Мекарти, пред неколку дена изјави дека Америка повеќе не може да ѝ пишува бланко чекови на Украина и да се преправа дека нејзините граѓани немаат ништо против таквата политика.
„Луѓето ќе седат дома во економска криза и нема да им биде лесно да гледаат како САД испраќаат милијарди во Украина. Администрацијата на Бајден е премногу загрижена за работите надвор од Америка, а не за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Украина е важна, но не смее да биде најважна“, рече Мекарти.