Пандемијата на коронавирусот предизвика сериозна криза во Европската унија. Честопати може да се чуе дека заради недостаток на солидарност на северните земји, се заканува дури и распад на Унијата. Но, тоа нема да се случи, смета Зоран Арбутина, пренесува „Дојче веле“.
Многу аналитичари и политичари со недели предупредуваат дека постои реална опасност од крајот на Европската унија. Сега, кога економиите на многу земји се сериозно разнишани како резултат на корона-кризата, потребен е заеднички европски финансиско-политички одговор. Магичното решение може да се види во неопходната солидарност, конкретно во т.н. корона-обврзници. Станува збор за старата идеја на еврообврзниците, на која сега само ѝ е променето името.
Барањето гласи: побогатите земји од ЕУ треба да бидат солидарни со помалку богатите јужни земји. За да може економијата на југ повторно да започне, северот треба да се согласи на принципот на заедничко задолжување. Во спротивно, во зависност од изворот, постои закана од „смртна опасност за ЕУ“, „колапс на еврозоната“, „почеток на крајот“ или дури и „распаѓање“ на Европската унија.
Ова не е прва криза на ЕУ
Ова не е прв пат да се констатира опасност од распаѓање на Унијата. Слични предупредувања можеа да се слушнат и за време на т.н. бегалска криза во 2015/16 година, а пред тоа за време на финансиската и должничката криза во 2008/09 година. И секогаш се апелираше за солидарност на другите. Притоа, солидарноста воопшто не е конститутивен елемент на Европската унија.
Европската реалност
На ниво на Европската унија, особено се бранат оние вредности што се релевантни за пазарот. Имено, никој не се вклучува економски во земја во која судовите зависат од самоволието на моќниците, па затоа се заштитени принципите на владеењето на правото. Но дека слободата на медиумите е помалку важна, верно покаќуваат примерите на Унгарија, Полска или Хрватска. Таму, „европските стандарди“ честопати произволно се толкуваат и применуваат.
Тоа може да се види и кога станува збор за казни, односно санкции. Додека кршењето на пазарните правила се многу лесно и брзо санкционирани со значителни парични казни, во случај на повреда на овие други вредности, единствено од што треба да се стравува се емотивните говори на некои членови на Европскиот парламент. Човек не мора да се согласи со таквата состојба на работите и може да се ангажира со цел да го промени тоа, но тоа е европската реалност.
Солидарност – до кој степен?
Солидарноста е една од тие „повисоки“ вредности. Исто така, постои Фонд за солидарност на ниво на ЕУ. Тој е основан по големата поплава во 2002 година со намера да се помогне во опоравувањето на економијата во погодените земји во случај на големи природни непогоди.
Но корона-обврзниците не се дел од тој фонд. Секако е можно да се разговара дали принципот на заедничко задолжување е навистина најсоодветен инструмент за борба против последиците од тековната криза. Или сепак има некои други опции, исто толку ефикасни, но со помал ризик. Меѓутоа би било погрешно да се воведе поимот за солидарност како морална категорија во таа дискусија. Без оглед за тоа која одлука ќе биде донесена на крајот, по издавањето на корона-обврзниците, Европската унија нема да се распадне: „Тоа е економијата, глупава!“