И албанските и косовските граѓани својата иднина ја гледаат во странство, покажуваат најновите резултати од истражувањето на Балканскиот барометар на Советот за регионална соработка (RCC) за 2023 година, јави агенцијата Балкан веб.
-Над 49 отсто од испитаниците од Албанија размислуваат да живеат и работат во странство. Овој процент е значително зголемен во однос на минатата година, кога показателот изнесуваше 42 отсто. Косовските граѓани се тие кои сакаат повеќе од сите да живеат и работат во странство, а овој одговор го дале 57 отсто од испитаниците, наспроти 59 отсто минатата година, наведува агенцијата.
Во Црна Гора 45 отсто од граѓаните сакаат да заминат од државата, во Србија 41, во Босна и Херцеговина 38, додека најмал процент или 35 отсто во Северна Македонија.
Советот за регионална соработка деветти пат по ред ги објавува резултатите од Балканскиот барометар – годишното истражување спроведено со шест илјади граѓани од целиот Западен Балкан, давајќи преглед на нивните мислења за регионалната соработка, интеграцијата во ЕУ, довербата во јавните институции и медиумите, нивните најголеми грижи, вработувањето, климатските промени, безбедноста, дигиталниот живот, транспортот, владеењето на правото, патувањата итн.
Според јавното мислење во Западен Балкан 76 отсто од луѓето веруваат дека регионалната соработка е добра за развојот на нивните економии а 69 отрсто се согласуваат дека она што ги обединува граѓаните на Западен Балкан е поважно од она што ги дели.
Поддршка за интеграцијата во ЕУ даваат 59 отсто или 3 отсто помалку отколку во 2021 година.