Генералниот секретар на ОН е еден вид секуларен папа, чија работа е без војска, пари и влада на која може да и се обрати за помош, со идеи и морални квалитети да ја обедини меѓународната заедница околу некаква возвишена цел. Кофи Анан своевремено таа улога ја вршеше речиси брилијантно. Бан Ки-мун, не толку многу успешно. „Човекот кој стои среде крстосница, сообраќајот го удира од сите правци” – е стара кинеска поговорка. Дипломатите во Њујорк тврдат дека на Бан Ки-мун, пред да дојде на местото шеф на ОН, му ја соопштил професор од Јејл и еден од најголемите светски експерти за ОН, Пол Кенеди.
И Бан Ки-мун, како што се чини цврсто се држеше до тој совет следните десет години, па во комплицираните односи кои владееја во светот, често беше само нем набљудувач на трагични настани, под чиј товар, една по друга паѓаа Ирак, Либија, Сирија, Јужен Судан…
Повеќе секретар отколку генерал, како што го нарекуваа западните дипломати, на чело на огромниот, тромав и голем дел на корумпираниот систем на Обединетите нации, дојде по турбулентната ера на Кофи Анан, кој за два мандата успеа да добие Нобелова награда за мир, сериозно да ги скара ОН со Американците, да стане голема медиумска ѕвезда и на крај да биде испратен како типичен изданок на корумпираниот систем на Светската организација.
Од Кофи Анан наследи и 18 истовремени мировни мисии, последиците од скандалот од програмата „Храна за нафта”, Косово, Блискиот исток во распаѓање, исклучително непријателски расположена администрација на Џорџ Буш помладиот и се помоќниот руски лидер Владимир Путин.
Невидлив човек
„Понизно го прифаќам именувањето за осми генерален секретар на ОН. Служејќи ве добро, со полно срце и цела сила. Нашите успеси нема да се мерат со ветувања, туку со дела. Пред нас се многу предизвици и пречки” – рече Бан влегувајќи во седиштето на ОН.
Вети две работи – реформа на Светската организација и борба против глобалното затоплување. Како и со листата на сите претходници, од деценијата на долгиот судир со гломазната бирократија, излезе полн со модринки. Судбината од второто ветување, како што изгледа, ќе зависи најмногу од новата администрација во Вашингтон, која однапред најави дека ќе го повлече потписот од парискиот климатски договор.
Десет години подоцна, кога сликата на Бан Ки-мун ја поставуваа покрај портретите на неговите претходници, многу дипломати во Њујорк не можеа да наведат ниту еден конфликт ниту криза со чие решение придонел Бан Ки-мун, но без задршка се сетија да ги спомнат убиените деца во Јемен, или масовните убиства во Шри Ланка.
Критиките на негова сметка секогаш не беа целосно објективен поглед на вистинската состојба во ОН. Бан Ки-мун на Менхетен стигна како компромисен кандидат, кој по силни задкулисни преговори, го поддржаа Америка, Русија и Кина, сметајќи на тоа дека јужнокорејскиот дипломат припаѓа на цивилизација во која лидерските способности се вреднуваат целосно поинаку отколку на Запад.
Нежната надворешност на Азијатите, често крие внатрешна цврстина и одлучност, но таквите квалитети кај Бан Ки-мун често не доаѓаа до израз, останувајќи заробени во жестоката и агресивна реторика на големите сили.
Иако му подаруваа глас во секој од четирите круга на гласањето, Британците и Французите истовремено лобираа процесот на избор за нов генерален секретар да се одложи за некој месец, за да најдат по харизматичен кандидат.
Се двоумеа и амбасадорите на Танзанија и Перу, но нивните дилеми набргу ја распрснаа власта во Сеул, која на африканските скептици им уплатија 20 милиони долари помош, додека во Јужна Америка стигна убав, концертен клавир. На крај, за Бан Ки-мун гласаа 14 држави, а една членка на Советот за безбедност, која никогаш не беше идентификувана, беше воздржана.
На денот кога беше избран за шеф на ОН, во Њујорк паѓаше силен дожд, па на циниците им се чинеше соодветно тоа што Бан за главна политичка цел на своето командување со ОН ја избра битката против глобалното затоплување, надевајќи се дека безнадежно раскараните нации во светот ќе успее да ги обедини барем околу опстанокот на цивилизациите.
Невозможна мисија на Бан Ки-мун
Истовремено, беше под голем притисок на подредените, па Викиликс неодамна ја објави пораката на ревизорката на ОН, Швеѓанката Инге Брит Ахленијус, која во 2010 година му порача дека „под негово водство Светската организација се распаѓа и тоне во неважност”.
Моралните забелешки на Швеѓанката, која претходно не се прослави како дел од системот кој ОН го поставија на Косово, само делумно се оправдани, бидејќи јавните настапи се само мал дел од работата на генералниот секретар на ОН, соочен со цврстите и непопустливи интереси на големите сили, самољубиви пратеници на масовни убијци и диктатори, како и непријателски расположените медиуми.
Описот на работата на генералниот секретар на ОН, содржан во 12 поглавје на Повелбата на ОН, веднаш наведува на заклучокот дека негова задача е да изврши невозможна мисија. Таа работа е некаде меѓу обичен секретар и генерален директор. Секој обид во канцеларијата во њујоршкиот Залив на желките да се внесе каков било политички или идеолошки став, без дилеми ќе наиде на сериозни осуди.
Еднакво силни „пачки“ ќе следат и ако сте премногу скромни или не го претставувате гласот на човештвото на начин кој тоа го правеше поранешниот Даг Хамаршелд.
Според одредбите на 12 поглавје на Повелбата на ОН, работата на генералниот секретар е да ги застапува ставовите на најважните органи на Светската организација, како Генералното собрание или Советот за безбедност, а притоа не смее да прима инструкции од ниедна влада, како и тоа дека на ниту еден начин не смее да преземе потези кои би можеле да наштета на угледот на ОН.
Да биде неволјата поголема, Американците на секој генерален секретат веднаш му ставаат до знаење дека се наоѓа на нивна територија, дека ОН всушност се креација на САД и дека Америка ќе биде многу, многу доминантна во таа организација.
Суштински, постапувањето според правилата на службата укоричени со светло сина боја и многу похаризматични лидери од Бан Ки-мун брзо би ги натерале во слепа улица. Делумно поради тоа, Јужнокореецот дури во последните денови од своето командување се осуди да се изјасни за две прашања кои со години го прогонувале.
Конечно, но и понатаму прилично неубедливо, се извини на жителите на Хаити поради 9.300 жртви од колера, која на тој остров ја донесоа „сините шлемови”, упатени на него со цел барем малку да се намалат последиците од катастрофалниот земјотрес.
Еднакво анемично зборуваше и за еден од најголемите скандали на Обединетите нации во последните децении. Рече дека светската организација нема да покаже ни ронка милост кон припадниците на мировните сили во Централноафриканската Република, кои се осомничени дека масовно силуваа малолетници. Слабо видлива доза на емоции покажа единствено кога во септември ја обвини Русија, дека со операциите на воздушните удари, ги нарушува мировните преговори и лани кога го навлече гневот на Израел, наведувајќи дека ја сфаќа фрустрацијата на Палестинците по „половина век на израелска окупација”.
„Боксерска вреќа” на големите сили
За многумина, беше предвидлив, воздржан и безидеен во судирот со се повеќе поделената светска политичка сцена, а на трагедиите, злосторствата и страдањата на милиони луѓе одговараше со соопштенија во кои изразуваше „тага” или „шок”, без замислена акција која би следела.
Како шеф на ОН, повремено „терапевтски” делуваше на големите сили, кои се ослободуваа од фрустрациите обвинувајќи го за сопствени, очигледни неуспеси. Улогата на „боксерска вреќа” ја поднесуваше стоечки, не жалејќи се на притисоците на западот и истокот.
Јужнокорејските новинари своевремено зборуваа дека младиот Бан Ки-мун се одлучил за политиката како животен повик, кога како 18-годишно момче, од раката на тогашниот американски претседател Џон Фицџералд Кенеди доби награда во Сеул.
„Во јануари се враќам во Кореја. Со пријателите, претставниците на локалните заедници и лидерите ќе разговарам за тоа на кој начин, како поранешен генерален секретар на ОН, можам да придонесам за татковината” – рече Бан Ки-мун. Во Јужна Кореја, која ја потресува сериозна политичка криза, многу луѓе сметаат дека Бан е вистински човек за претседател на државата.
Лидерството на Обединетите нации го препушта на Португалецот Антонио Гутереш. Како и во 1953 година, кога Тингве Ли местото шеф на ОН го предаде на тогашниот малку познат Даг Хамаршелд и Бан на Гутереш без ниту малку размислување би можел да му каже: „Во рацете ти ја предавам најкомплицираната работа на светот”
РТС – Белград