Бангиевски: Граѓаните имаат право на надомест доколку со прекин на електричната енергија им е причинета штета

од Маја Анчевска
777 прегледи

Секој има право на  надомест на штета доколку со прекин на електричната енергија му се причини одредена штета, вели во разговор за „Локално“ адвокатот, Владимир Бангиевски.

– Законот за облигационите односи во еден дел го регулира и прашањето за причинувањето на штета и нејзиниот надоместок, генерално, секој – кој на друг ќе му причини штета должен е истата да му ја надомести. Не сум запознаен, но доколку со прекинот на електричната енергија или со нејзиното прекинување па повторно доаѓање, некому му е причинета штета (на пример расипан апарат за домаќинство) тогаш граѓанинот има право на надомест на штета, вели адвокатот Бангиевски.

Начините за остварување на правото на граѓанинот е слична и во другите држави, според адвокатот обештетениот најпрво треба да  поднесе барање за обештетување.

–  Основно е да поднесат Барање за надомест на штета. Доколку не успеат на тој начин тогаш своето право на надомест на штета можат да го остварат во постапка пред суд. Регулативата е слична во другите земји како и кај нас. Најпрво со поднесување на барање за надомест на штета, а потоа и со тужба, доколку граѓанинот не успее вонсудски во своето барање за надомест на штета, потенцира адвокатот.

Адвокатот вели дека  до сега кај нас имало случаи за обештетување од електричен дефект  и истите завршиле со успех.

ОД ЕВН за „Локално“, посочуваат дека не е надлежна за мрежата на МЕПСО, и дека поради тоа до нив немало барање за обештетување, по завчерашното губење на електрича енергија во неколку скопски населби, Велес и Овче Поле..

-Прекинот во снабдувањето со електрична енергија на ден 13.01.2022 се случи како последица од дефект во делот на мрежата на МЕПСО, а во делот на мрежата на ЕВН немаше дефекти, велат од ЕВН. Како две функционални и правни одвоени енергетски компании, ЕВН  не е надлежна за делот на мрежата на МЕПСО, а следствено на тоа не е ни надлежна за евентуалните барања за обештетување. Поради тоа и не е пристигнато ниту едно барање за обештетување до ЕВН Македонија. Во други случаи, доколку има штети како последица од дефект кој настанал во делот на мрежата на ЕВН, корисниците се обраќаат со барање до нашите служби и комисија го разгледува истото и излегува на терен. Доколку барањето е основано, на корисникот му се поправаат расипаните уреди. Ако барањето не е основано, корисникот не добива обештетување, велат од ЕВН.

Во ситуации на елементарни непогоди, од ЕВН велат дека според закон не е предвидено обештетување, на ЕВН корисниците.

Од  МЕПСО беше наведено дека испад на далекуводот од ТС Скопје 4 кон ТС Бунарџик и пожар во близина на трансформаторската станица, била причина за прекин на снабдувањето со електрична енергија.

М.А.

 

Слични содржини