Бангиевски: Расчистување на затворите само со промена на кривично-правниот систем кој се однесува на начинот на извршување на казната

од Nikola Popovski
469 прегледи

На овој начин не се расчистуваат затворите и тоа ќе ви го каже секој што се занимава со кривично-правна материја. Имено, расчистување може да се случи само со промена на кривично – правниот систем кој се однесува на начинот на извршување на кривичната санкција, вели за „Локално“ адвокатот Владо Бангиевски, коментирајќи го предлог-законското решение за амнестија, со кое, како што соопштија од Министерството за правда, треба да се расчистат казнено-поправните установи, потребата од јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица.

Како што укажува, забораваме дека всушност имаме систем на пробација, односно Закон за пробација кој треба да ги растовари затворите од оние извршители на кривични дела за кој не е неопходно да издржуваат казна затвор во установа.

-Според тој Закон постои и мерка куќен затвор, на пример, додава адвокатот, истакнувајќи дека постојат сомневања за вистинските намери на власта за овие промени.

Законот треба да се најде пред пратениците, а како што посочува Бангиевски, Собранието со тоа не ја игра улогата на суд.

-Собранието ги носи тие закони и тука не може да стане збор за упад – бидејќи тоа си ја работи работата за која е надлежен. Но, може да се зборува за упад доколку измени на закони или нови закони се носат спротивно на воспоставена кривично – правна политика или стратегија. Собраноето треба многу да внимава кога се носат закони или измени во закони во ваква осетлива материја, ни рече соговорникот.

Оценува дека предлог-законот е политички поврзан.

-Сомневања за т.н. „пазарење“ за да се изгласаат уставните промени или заради други цели како што е спасување на сегашни или поранешни носители на јавни функции од одговорност за сторени дела постои и опозицијата обвинува за такви намери на власта. Позадината не ми е позната, но самото сомневање веќе е доволно за вклучување на алармот на неказнивост за некои носители на јавни функции – сегашни или минати за сторени кривични дела со злоупотреба на положбата, дециден е Бангиевски.

Најавената амнестија ја разбранува јавноста со тоа кој сѐ би можел да биде опфатен со неа. Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 , „Несовесно работење во службата“ од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.

Според Управата за извршување на санкции, во македонските затвори во моментот казната ја издржуваат 2.345 лица, од кои најголемиот дел се во затворот „Идризово“.Ова е трет обид со амнестија да се решава проблемот со пребукираноста на македонските затвори, која што се нотира во секој извештај на Советот на Европа. Од осамостојувањето на Македонија до денес се донесени повеќе закони за амнестија, со кои било изразено правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 година, друг во 1999, во 2002 и во 2003 година (ревидиран во 2004 година). Два закона за амнестија се донесени и во 2018 година. Со првиот беше амнестирана група на правосилно осудени лица со цел нивна ресоцијализација и растоварување на затворите. Вториот се однесуваше на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од казната затвор на лица за кои постоело основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Последниот од низата закони за амнестија беше донесен годинава за лица осудени (во екот на ковид-пандемијата) со правосилна пресуда на парична казна за кривични дела од членот 205 „Пренесување заразна болест“ и членот 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Н.П.

Слични содржини