Барањето за зголемување на минималната плата – меѓу чеканот и наковалната

од Vladimir Zorba
3,7K прегледи

Во исчекување на одговор од Владата дали ќе има зголемување на минималната плата во износ од 450 евра, се поизвесен е само фактот дека полека се тенчи времето, но и трпението на двете страни.

Барањето на синдикатот, минималната плата наместо во март  догодина, веднаш да се зголеми за 80 евра, засега не е меѓу приоритетните прашања на надлежните, но оваа тема според познавачите на состојбите секако дека многу брзо, односно веќе со почетокот на училишната година ќе добие на актуелност.

Според Здравко Савевски од Институтот за општествени и хуманистички науки, не смее да има отстапување во делот на почитување на превземената обврска за минимална плата која како што посочува, мора да држи чекор со инфлацијата, односно  согласно порастот на трошоците за живот.

„Се разбира дека капиталистите се против зголемувањето на минималната плата. Тие секогаш се против тоа, бидејќи тоа ги намалува нивните профити. Затоа и „лобираат“ кај секоја власт и во секоја држава да не дојде до зголемување на минималната плата“, вели Савевски во разговор за „Локално“.

Овој притисок според него, може да успее само доколку нема реакција од синдикатите, која пак како што вели, зависи од  бројот на работници кои стојат зад нив. Оттука, како и секогаш вели, колку синдикатите ќе бидат моќни да се спротивстават на контрапритисоците во следниов период, зависи во голема мера од ангажираноста на работниците да ги извојуваат тие придобивки.

Работодавачите кои  веќе порачаа  дека бараното покачување е неприфатливо, за „Локално“ велат дека терминот за актуелизирање на  ова прашање одговара и за власта и за синдикатите,  и тоа во контекст на  постоечкиот политички период.

Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, доколку зголемувањето сепак се случи, тоа ќе биде политичка одлука, која предизвикува урамниловка и дестимулација на добрите работници. Според законот за минимална плата, таа се усогласува со цените на трошоците на живот и со пораст на просешната плата, што е во ред.

„Секое паушално зголемување е целосно неприфатливо, а ваквата пракса во изминатиот се покажа како исклучително негативна за целата економија“, вели Димитров.

Сличен е ставот и на Миле Бошков од Бизнс Конфедерацијата на Македонија кој за „Локално“ посочи дека не може да се бара поголема плата само затоа што ви требаат пари. Покрај поголемата продуктивност, како подеднакво важни аспекти ги посочува и етичкиот пристап, посветеноста на работното место, лојаноста итн.

Како аргумент во прилог на несоосведното поставување на работите ги посочува одговорите кои ги добиле од компаниите во однос на анкетата за утврдување минимална плата. Анализата покажала дека дел од компаниите ги следат само законите без да обрнат поголемо внимание на работниците, а другите покажале недоволни знаења за тоа што е продуктивност, но и како да ги систематизираат работните места согласно кои би им ја одредиле висината на платата.

Во меѓувреме, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши најави дека барањето на синдикалците минималната плата да биде 450 евра ќе се разгледува на првата седница на економско-социјалниот совет, но не обелодени ниту еден термин за нејзино одржување. Од друга страна, премиерот Мицковски  на синдикалците им го понуди на увид буџетот, со цел, како што самиот кажа, сами да видат дали во буџетот има пари за зголемување на минималната плата.

К.В.С.

Слични содржини