Барди: Даваме максимум на секој дуел што го играме за Македонија

Барди тврди дека играчите се подготвени за секоја улога што ќе има ја даде селекторот Милевски.

од Бети Божиноска
240 прегледи

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Енис Барди, исткна денеска дека натпреварувачката форма е на наша страна пред утрешниот меч против Молдавија кој се игра на стадионот „Мардан“ во Анталија во 15:30 часот.

„Само да сме сконцентрирани, да покажаме желба и да се подготвиме за тоа што не чека од септември. Овие два натпревари ни се тест, да видиме до каде сме, за да ги поправиме грешките од некои претходни средби,“ порача Барди на прес-конференцијата.

Барди тврди дека играчите се подготвени за секоја улога што ќе има ја даде селекторот Милевски.

„Свесни сме дека по долго време се собравме пак, гледам дека соиграчите едвај чекаа да се сме заедно. На ниту еден натпревар не ни е потребна екстра мотивација. Со самиот повик за репрезентацијата мора да сме мотивирани, да бидеме подобри и да даваме што е можно подобри перформанси. Овој натпревар е со ривал кој за малку не се пласира на ЕП, може многу да ни помогне за Лигата на нациите. Анализиравме и се подготвивме за Молдавците. Повеќе нема ‘пријателски’ натпревари, даваме максимум на секој дуел што го играме за Македонија,“ изјави самоуверено Барди.

И селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски си сподели своите очекувања пред утрешниот контролен натпревар против Молдавија.

Милевски информираше дека Исник Алими, Ердон Даци и Стефан Ашковски нема да бидат дел од тимот на овие два натпревари, но останатите се подготвени да се стават во функција на тимот, иако има играчи кои воопшто немаа минутажа за своите клубови.

„Момците без разлика на натпреварувачката форма секогаш го даваат максимумот за Македонија.  Ќе ги искористиме максимално овие дуели и тие во јуни за да пробаме нови тактички варијанти. Ќе ги пробаме некои играчи на нови позиции и ќе видиме како тоа ќе изгледа. Ќе ги искористиме натпреварите со Молдавија и Црна Гора да ги испробаме силите. Ќе дадеме минутажа на сите играчи, а ќе тестираме и нови варијанти,“ посочи селекторот.

Слични содржини