Србите од Косово и Метохија, кои се незадоволни од распоредувањето на специјалните единици на косовската полиција на административните премини на Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени регистарските таблички, протестираат десетти ден по ред. На административните премини Јариње и Брњак, позициите се непроменети, патиштата се блокирани, а специјалните полициски сили не се повлекуваат, пренесуваат српски медиуми.
Според РТС, поради лошото време, Србите најчесто се собрани во шатори, и велат дека ќе останат на тие позиции додека не се постигне решение.
Главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, денеска ќе се сретнат во Брисел, потврди портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Претходно, Стано нагласи дека „првиот позитивен чекор“ во решавањето на моменталната ситуација на Косово и Метохија, ќе биде доаѓањето на главните преговарачи во Брисел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Белград ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а утре со премиерката, Ана Брнабиќ, беше соопштено во Брисел.