Пол Погба нема да го напушти Манчестер Јунајтед, а Лео Меси ќе заврши со фудбалот во Барселона. Ова го објави претседателот на каталонците Хосеп Марија Бартомеу во интервју за весникот „Тајмс“.
Тој зборуваше на различни теми, а меѓу главните беше прашањето за иднината на францускиот фудбалер, кој е поврзуван се повеќе за „Камп Ноу“ по конфликтот со Жозе Мурињо, како и што ќе се случи со кариерата на Аргентинецот.
„Ние не сме му понудиле на Јунајтед пари плус Јери Мина за услугите на Погба. Ова се гласини. Кога еден клуб не сака да го продаде, тоа и не го прави. Верувам дека Погба ќе остане уште долго време во Јунајтед, бидејќи големите тимови сакаат да ги задржат најсилните играчи“, изјави Бартомеу запрашан за францускиот репрезентативец.
Во однос на Меси рече: „Тој ќе ја заврши кариерата во Барселона. Тој не сака да замине, а нашиот проект е целосно поврзан со него. Ние не сакаме да ги продаваме нашите водечки играчи“.
Шефот на Барса го прокоментира и евентуалното враќање на Пеп Гвардиола во тимот. „Тој е гениј и вратите на неговиот дом секогаш се отворени. Еден ден ми рече дека би сакал да се врати во „Ла Масија“ и ние му го предложивме токму тоа, кога изјави дека притисокот врз него е голем и сака да си замине. Неговото евентуално враќање ќе биде одлична вест“.