Сирискиот претседател Башар Ал Асад во интервју објавено денеска изјави дека ќе ги поздрави сите руски предлози за поставување нови воени бази и зголемување на бројот на руски војници во Сирија.
Асад, кој е во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека руското воено присуство во Сирија не мора да биде привремено.
„Веруваме дека ако Русија сака да ги прошири базите или да го зголеми нивниот број, тоа е техничко или логистичко прашање. Доколку постои таква желба, тогаш сметаме дека проширувањето на руското присуство во Сирија е добра работа“, изјавил тој, пренесе руската државна новинска агенција РИА.
Русија одржува значително воено присуство во Сирија и е близок сојузник на Асад, поддржувајќи ја неговата влада во повеќегодишната граѓанска војна во земјата против опозицијата.
Воената поддршка на Москва за Асад помогна да се сврти бранот на војната што започна во 2011 година како продемократско движење.