Српскиот министер за економија Раде Баста денеска се сретнал со украинските пратеници Игор Копутин и Игор Херасименко, како и со Федир Вениславски, претставник на украинскиот претседател во парламентот и член на Врховниот владин комитет за национална безбедност и одбрана на Украина.
При средбата тој изразил жалење за војната во Украина, пренесоа локалните медиуми.
„Дозволете ми да го изразам моето длабоко жалење за ситуацијата и војната во Украина. Имаме јасен и недвосмислен став за ова прашање а тоа е дека e извршен напад врз суверена држава и тоа е грубо кршење на меѓународното право“, ијзвил Баста, додавајќи дека патот на Србија води кон Европската Унија и внимателно ги следат сите чекори што ги презема ЕУ.
Баста рекол дека се надева оти војната ќе заврши што е можно поскоро, пред сè заради Украина, но и заради Европа и целиот свет.
Баста испратил и поздрав до неговиот пријател, градоначалникот на Киев, Кличко.
„Сакам да пренесете поздрав до мојот голем пријател, градоначалникот на Киев, и да му кажете дека во мислите сум со него. Знам колку е тешко да се обнови земјата по воените конфликти“, рекол Баста.
Во разговорот со украинските пратеници, Баста изразил благодарност што Украина го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Србија во однос на Косово и дека исто и неговата земја го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Србија е на пат кон полноправно членство во Европската унија и секојдневно вложуваме големи напори за да се постигнат видливи резултати во трансформацијата и развојот на економијата, инфраструктурата и подобрувањето на деловното опкружување и квалитетот на животот на нашите граѓани“, заклучил Баста.
Соговорниците се согласиле дека има простор за дополнително унапредување на економската соработка.