Белиот леб, белиот шеќер и сончогледовото масло за јадење од денеска, заклучно со 30 септември ќе се продаваат со пет проценти трговска маржа во трговија на големо и пет проценти во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз, трајно млеко и јајца се утврдува маржа од десет проценти во трговија на големо и трговија на мало.
Според економскиот аналитичар, Абил Бауш новото замрзнување на цените е „безначаен чекор“, појаснувајќи дека во ситуација кога имаме двоцифрена инфлација најдобро е да се „држите кон некои макроекономски мерки од политика со даноци, каматни стапки или инвестиции“.
-Мерките ми изгледаат како еден резултат колку да се каже дека еве превземавме некои мерки, во ситуација кога треба да носите ребаланс на буџет и во ситуации кога ќе треба да преземете некои мерки, политики кој ќе треба да дадат понатамошен ефект тие ми делуваат безначајни, вели за „Локално“ аналитичарот.
Тој посочува дека во ситуација кога имаме двоцифрена инфлација најдобро е да се држиме кон некои макроекономски мерки.
-Ако се додаде на тоа дека и претходно овие мерки не го дадоа посакуваниот ефект кој се очекуваше и згора на тоа и манипулативните цени кои се појавуваат на пазарот, сликањето по магацини на масло за јадење ми се некако без никаков значаен ефект. Во ситуација кога имате двоцифрена инфлација најдобро е да се држите кон некои макроекономски мерки од политика со даноци, каматни стапки или инвестиции во некој сектор отколку да се земаат некои мерки кои и така не го дадоа ефектот, подвлекува тој.
Бауш е на мислење дека во овој момент најдобро е пратениците да се фокусираат за мерките кои би ги преземале по гласање на ребалансот.
-Во моментов имаме ценовен пик на нафтени деривати и мислам дека овде треба да се преземаат мерки кои пак би им помогнале на граѓаните и стопанството, смета аналитичарот.
За тоа дали владата можеше да превземе некои други мерки, со оглед на тешката ситуцијa во која се наоѓа земјата, Бауш потенцира дека со оданочувањето на оние кои имаат поголеми примања би можела да ја ублажи оваа криза.
-Ако успеат да ја сменат даночната политика во кој што оние со поголеми профити и поголеми примања би се оданочувале, имајќи ги в предвид некои од профитните бизниси и од друга страна ако се помогне со некој конкретни политики на државно ниво може да се ублажи кризата на овие на граѓаните, па и на стопанствата. Некои услуги кои се неопходни за граѓаните треба да ги сервисира државата пример транспорт по поволна цена да можат да се движат, образование, здравство па и субвенционирање на земјоделците или на млади претприемачи би се направила добра работа. Ако со овој ребаланс на буџетот би се очекувало дека ќе биде повеќе штедлив, но во исто време да не ги укине капиталните инвестиции. Јас мислам дека владата треба сериозно да почне да размислува како подобро да го крои буџетот кој би овозможил фер третман кон сите граѓани на државата, кон стопанството кој и понатаму би имал сериозен влијание врз економскиот раст и развој на државата, подвлекува тој.
Б.М.