Во пресрет на денешната одлука за новата цена на горивата и нафтените деривати која треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, надлежните смируваат дека Македонија нема проблем со нафтените резерви, во земјава има доволно деривати и дека граѓаните не треба непотребно да точат горива во страв од недостиг. Сепак признаваат дека поединци се обидуваат да направат вештачка криза преку ширење страв и паника. На состанокот во Владата, сите нафтените компании, јавно и јасно се изјаснија дека имаат доволно залихи и дека воопшто нема причина за стравување, бидејќи состојбата е стабилна.
Во време кога светските пазари на нафта се тресат поради војната на Блискиот Исток, некои бензински пумпи веќе одлучиле да „ги чистат резервоарите“ или имаа прекин на струјата, па привремено престанале да точат бензин. На некои бензински можело да се точи само „до 1.000-ка“ или утврдено ограничување од компанијата.
Во јавноста се поставува дилема дали ова се прави смислено со цел да се продава поскапо гориво или поради „навалицата“ на граѓаните. Според економскиот аналитичар, Абил Бауш, најголемиот хаос го создаде РКЕ која го поништи членот со кој што ние, како што вели, дневно калкулиравме со цената на нафтата и им овозможи на одредени нафтени компании да си дозволат самите да направат шпекулативни цени.

Фото: Фејсбук
=Доколку би останало истото како што беше во времето на кризата со енергенсите и храната, тогаш во реално време би имале покачување на нафтата по цената на берзата. Со тоа што ние се обидуваме да направиме популизам и да очекуваме да биде некогаш подобро – и ако денес прекине конфликтот на Блискиот Исток, ние би очекувале стабилизација на цената на нафтата по 3-4 недели, а може и повеќе. Затоа имаме ваков проблем кој се појавува во државата. Да се оставеше членот и да се оставеше калкулација со цената на нафтата, не биле овие шпекулации од нафтените компании, вели Бауш во анализа за „Локално“.
Двојна поскапа цена на горивата, според соговорникот, значи пореметување на синџирот на снабдување и пореметување на цената на сите производи во македонската економија. Како што вели, одеднаш ќе поскапи и транспортот, ако земеме во предвид дека цената не се помрдна од последната криза со нафтените деривати.
-Горивата поевтинија, а цената на транспортот не се промени и сега пак ќе имаме оптоварување на буџетот на граѓаните. Тоа ќе значи и поскапување на производите – за жал, сме држава која зависи од нафта и дериватите, а многу помалку од гас. Нема да биде драматично ако војната оди во овој смер на умереност, но ќе имаме пореметување на цените, кажа Бауш.
Според аналитичарот, ако го имавме членот на РКЕ кој го поништи, ќе имавме дневно покачување и граѓаните ќе имаа увид и претходно планирање.
-Сега одеднаш кога ќе поскапи нафтата, ќе видиме еден шок и кај граѓаните и кај компаниите. Владата треба да го активира Законот за нефер трговски практики – ако веќе имале нафта која ја земале по старата цена и сега се обидуваат да калкулираат да ја продадат по новата цена, тоа е нефер трговска практира. Владата може да интервенира со државните резерви, но тоа е само за 45 дена. Ако веќе интервенира, ќе има намалување и афтершокот ќе биде ублажен. Треба повнимателно да направи пристап кон кризата, појаснува Бауш.
За потсетување, РКЕ со правилник донесен на 4 март ја смени динамиката на формирање на цените на горивата: одлука за највисоки малопродажни цени ќе се носи еднаш седмично, на седница секој понеделник, а пресметката ќе се темели на просек од изминат седумдневен период. Истата измена ја брише и одредбата што ѝ даваше можност на Комисијата да реагира и во текот на седмицата – кога берзанските цени и/или курсот би „повлекле“ корекција од најмалку 2 денари по литар. Во 2022 токму тој механизам беше воведен како вентил за брзи шокови; сега, со неговото укинување, цената практично се „заклучува“ во неделен циклус, без формален простор за вонредно усогласување меѓу два понеделника.
За преземените мерки и дали власта може да се справи со шоковите, аналитичарот вели дека мораме да бидеме претпазливи, но, сепак, истакнува тие се Влада и ја водат економската политика и треба да се занимаваат со оваа криза.
-Ќе треба да сменат одредени параметри кои што веќ ги поставиле. Кај граѓаните ме нервира што потпаѓаат на шпекулации. Не мора да возиш кола, застани, земи точак, немој да правиш притисок кон цената. Ние имавме криза и влегуваме во нова, но граѓаните не треба да се занесуваат веднаш и да мислат дека нешто трагично ќе ни се случи, оценува аналитичарот.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител
Во однос на нефер трговски практики кај одредени трговци кои вештачки прават залихи на производи, со цел да ги подигнат цените, премиерот Христијан Мицкоски вели дека државната комисија за заштита на конкуренција будно ја следи состојбата. Вели како влада глобите за трговците ги зголемиле речиси за десет до дваесет пати, така што во овој процес е вклучен и државниот пазарен инспекторат. Мицкоски се осврна и на економските состојби во државата при што истакна дека инфлацијата и цената на електричната енергија се држи под контрола. Премиерот вели: „ние сме политичка гарнитура која не внесува страв кај граѓаните, туку ги предвидува предизвиците, нуди решенија за проблемите и креира поинаква атмосфера во општеството“.
Кризата на Блискиот Исток предизвика драстичен скок на цената на нафтата на светските берзи. Достигна 118 долари за барел, највисоко ниво во последните четири години. Експертите предупредуваат дека може да надмине и 150 долари доколку не престане ескалацијата на Блискиот Исток.
Кризата следува по американско-израелските напади врз Иран и затворањето на Ормутскиот теснец од властите во Техеран, низ кој поминуваат околу 20 насто од светските пратки на нафта и гас. Многу земји во регионот или го намалуваат производството или целосно ја прекинуваат работата на нафтените полиња. По ирански напад врз рафинерија, Бахреин ги прекина испораките на нафта.
Во објава на социјалните мрежи, американскиот претседател Доналд Трамп напиша дека цените брзо ќе паднат „кога ќе заврши уништувањето на нуклеарната закана од Иран“.