Би-Би-Си (BBC) му се пожали на Apple поради лажните наслови генерирани од неговата нова функција, која користи вештачка интелигенција (AI) за сумирање и групирање вести на уредите со iPhone.
Неодамна лансираната нова функција „Apple Intelligence“ во Велика Британија користи вештачка интелигенција за да ги скрати и сумира вестите.
Сепак, оваа недела новата функција погрешно претстави дека Би-Би-Си објавил приказна во која се вели дека Луиџи Манџионе, уапсен под сомнение за убиство на извршниот директор за осигурување Брајан Томсон во Њујорк, извршил самоубиство, тврдење кое не е точно.
Би-Би-Си соопшти дека контактирале со Apple за да го привлечат вниманието на проблемот и да побараат да се поправи грешката. Британската медиумска мрежа нагласува дека им е исклучително важно нивните корисници да им веруваат на информациите што се дистрибуираат под нивно име.
Други новински организации се соочија со слични проблеми, според Би-Би-Си.
Кон крајот на ноември, функцијата Apple Intelligence по грешка комбинираше три различни вести во едно известување кое гласеше „Нетанјаху е уапсен“, што беше неточно толкување на извештајот за меѓународна потерница за израелскиот премиер.
Оваа нова функција на Apple е достапна само на одредени iPhone и iPad уреди, како и на Mac компјутери. Експертите предупредуваат дека се уште е неопходно да се подобри технологијата за да се спречи ширењето на дезинформации.