Во битката за тоа кој поголем колач од власта ќе земе, секогаш се заборава на помалкубројните етнички заедници. За волја на вистината тоа е суровата реалност како ние, организирани во држава всушност функционираме на тој начин да поголемиот политички субјект ( со кој си приморан да коалицираш бидејќи изборниот модел не ти дава друг избор да бидеш на власт), да се смилува и да ти овозможи пристап до права кои со Уставот на Република Северна Македонија се загарантирани. Бошњаците се конститувен народ во Република Северна Македонија од од 16.11.2001 година, но каква е реалноста на нивната конститутивност?, прашуваат од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) преку соопштение.
Од таму додаваат дека пристапот до вработувања во јавната администрација е секогаш отежнат и условен од поголемите политички актери.
-Бошњаците историски ги следи судбината на нивна асимлација и разделување, а последиците од таквата долготрајна репресија се поволна политичка клима за големите политички субјекти. За поголемите партии е „поевтино“ колачот –„власта“ да го поделат со поединци Бошњаци во своите редови кои им служат како своевиден трофеј преку кој ги промовираат своите вредности како политички субјект. Напротив, таквите постапки го докажуваат само спротивното, дека пристапот до правата го условуваат за возврат со партиски активизам.
Во однос на етничката припадност во јавна администрација заклучно 31.12.2021 година, на ниво на цел јавен сектор Бошњаците се застапени 0,49%, а според последниот попис направен во 2021 година, во Северна Макдонија има 0,87 % Бошњаци (16.047), факт е дека правичната застапеност во јавната администрација не е исполнета во однос на Бошњаците.
Освен тоа, потребни се унапредувања на позициите на кои работат Бошњаците, со што ќе се покаже дека ова е едно општество за сите во кое сите заедници вклучително и Бошњаците се испочитувани и застапени на важните јавни функции, со што ќе имаат можност во вистинска смисла да го дадат својот придонес за државата.
Во поглед на локалната инфраструктура особено во руралните средини каде што живеат Бошњаците, БДС неколку пати реагираше со цел да се постави сигнализација на патиштата, сообраќајни знаци, но и да се обезбеди непречено снабдување со вода на жителите, како и обезбедување на соодветни системи на канализација во одредени места, меѓу кои е и Горно Оризари. Баравме и средување на централниот дел на селото Батинци, местото викано Љубош во кое доминантно живеат Бошњаци, велат од таму.
Велат дека во неколку наврати јавно реагирале дека нашиот јазик е босански, а не бошњачки како што одредено време беше официјалниот назив на јазикот.
-Со тоа укажавме на овој веруваме технички пропуст, кој може да има подалекосежни последици, особено доколку се знае општо познатиот факт дека одредена етничка заедница се идентификува и со свој јазик како нераскинлив дел од нејзиниот културолошки идентитет. Образованието на мајчин јазик е сепак на некое задоволително ниво каде во две основни училишта со мнозинство ученици Бошњаци редовната настава се одвива на босански јазик а во други училишта изучувањето на босански јазик е изборен предмет. И тоа задоволително ниво е постигнато со вложување на двојно повеќе напор од потребниот на поединци експерти од соодветната област, бидејќи Бошњаците ретко биле рамноправни во остварувањето и унапредување на своите права.
На Филолошкиот факултет при УКИМ се изучуваат словенски јазици, но и тука рамноправноста не е вредност, па нема катедра за босански јазик иако се исполнети условите за нејзино отварање.
Бошњачкиот демократски сојуз од своето формирање во 2018 година вложува напори за создавање услови за основање на Културен центар на Бошњаците во Северна Македонија кој би ја презентирал историјата, традицијата и културата на Бошњаците во земјата, но и би се поврзал со другите културни институции во земјата, како и со културните центри и институции во регионот и пошироко. Со тоа, Северна Македонија би добила уште една институција која би се грижела за зачувување и афирмација на мултиетничкиот и мултикултурниот идентитет.
Потребно е и поголемо време на емитување на тв и радио редакцијата на босански јазик при јавниот сервис Македонска радио-телевизија (МРТ). Освен тоа, надлежните треба да направат реални напори и за подобрување на состојбата во овие редакции во однос на зголемувањето на бројот на вработените, но и севкупните услови за работа.
Бошњачкиот демократски сојуз од своето формирање ги поддржа сите евроинтегративни процеси, референдумот за промена на името, претседателските избори 2019 година, францускиот предлог, како и ги поддржува сите напори на надлежните институции за спречување на омаловажување на Република Северна Македонија и нејзините граѓани од страна на одредени политички структури од Република Бугарија.
Покрај сите овие факти , во трката за реконструкција на извршната власт како можно решение за излез од политичката криза, Бошњаците кои се во коалиција со власта, во овој контекст, повторно се невидливи. Тоа е затоа што условно кажано, поголемите политички партии, недоволно го почитуваат ставот на нивните партнери, меѓу кои е и БДС, стои во соопштението од партијата.