Интервју со Смаиловиќ: Се кандидирав за Претседател затоа што потребна е политичка моќ за вистински промени кои ќе ги почувствува секој граѓанин

од Nikola Popovski

Судејќи по поддршката која ја добивам и коментарите од моите сограѓани и пријатели, очигледно е дека тоа гласачко тело себеси се дефинира од ден на ден. Има многу неопределени кои со години на назад не гласале а сега изразиле желба да гласаат за мене, како и такви кои се незадоволни од досегашните веќе видени лица на политичката сцена и бараат промена, вели граѓанската активистка, Мерсиха Смаиловиќ во интервју за „Локално“ по најавената кандидатура за претседател на државата.

Во однос на тоа за што ќе се залага најмногу доколку бидете избрана за претседателка на С. Македонија, Смаиловиќ истакнува дека нејзиниот фокус ќе биде насочен кон охрабрување и поттикнување на општествено-политичките чинители со цел создавање услови за креирање систем во кој граѓаните ќе се чувствуваат еднакви, сигурни и почитувани.

-Токму мојата кандидатура за претседателка на државата и моменталната трка за потписи го потврдуваат фактот дека системот веќе е направен за помалите да имаат тешкотии при кандидирање, а со нов систем со гласање во Собрание шансите на граѓаните за свој кандидат и за излегување од веќе видените личности на политичката сцена би бил еднаков на нула, вели граѓанската активистка за предлогот околу промена на моделот за избор на претседател на државата во Собранието со 2/3 мнозинство.

За претстојниот изборен процес, Смаиловиќ тврди тајминот на парламентарните и претседателските избори се совпаѓа за големите политички партии и се испоставува да е само мотив повеќе да ја вклучат својата „машинерија“ во функција на политичко елиминирање на политичката конкуренција и тоа, како што вели, го прават бескомпромисно.

-Ние на овие простори сме вистински пример на обединетост во различностите и тоа со векови наназад. Само треба малку политичка волја и промоција на тие вредности. Убавината е во различностите. Само е важно тој мозаик да го креираат граѓаните, а не да го наметнува дневната политика поради потребата од ефтини политички поени и политиканство, ни рече кандидатката за претседател, поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, околу тоа како ги оценува меѓуетничките односи во земјава.

За прв пат Бошњаците имаат свој претставник на претседателските избори. Што ве мотивираше да влезете во оваа трка?

Повеќедецениската борба на полето на човековите права и правата на жените, деловниот свет, граѓанскиот активизам, борбата за правата на бегалците и мигрантите, но и мојата етничка припадност, ме научија дека е важно да се бавам со политиката, наместо политиката да се бави со мене.

Неможноста да се воспостави систем на еднакви можности за сите граѓани и систем во кој секој граѓанин ќе биде подеднако важен, како и систем во кој главниот примат ќе биде граѓанинот, а не сето она што го одредува во политичка, етничка, верска и друга конотација, во мене секогаш создаваа реакција на револт. Тој револт од незадоволството го трансформирав во акции и проемни за кои сметав дека се важни за општествениот прогрес. И драго ми е што во одредени нешта заедно со моите пријатели и соработници успеав, но за жал за да дојде до вистинските промени кои ќе ги почувствува секој граѓанин потребна е политичка моќ. За таа цел, одлучив да бидам решителна во своите напори и да се кандидирам за претседател со јасна визија што би можела да направам. Во прв ред тоа е она што можам во најмала рака, да бидам претседателка на сите граѓани.

Иако далеку сте од потребните 10.000 потписи, сепак на кое гласачко тело целите – неопределените, незадоволните, разочараните, жените можеби…?

-Судејќи по поддршката која ја добивам и коментарите од моите сограѓани и пријатели, очигледно е дека тоа гласачко тело себеси се дефинира од ден на ден. Има многу неопределени кои со години на назад не гласале а сега изразиле желба да гласаат за мене, како и такви кои се незадоволни од досегашните веќе видени лица на политичката сцена и бараат промена. Иако предложена од Бошњачкиот Демократски Сојуз, веќе на почетокот изјавив дека мојата трка не е само за мојот народ, бидејќи функцијата претседател на државата треба да ги претставува сите граѓани, а во мојот случај и правична претставеност и на помалубројните заедници. Секако дека и жените се мојата целна група, посебно кога бројот на кандидатки е помал од бројот на кандидати за претседател. Македонија е една убава мултиетничка земја која на многу земји во регионот, па и во светот, може да им биде пример за истакнување на позитивностите од различностите и на тоа ќе работам и понатаму. Впрочем, од мојот досегашен ангажман за правичност и правда во општеството сметам дека тоа е очигледно и дека од позиција на претседателка импактот на заедништвото меѓу различностите би бил поголем.

За што ќе се залагате најмногу доколку бидете избрана за Претседателка на РСМ? Што е она што ќе го направите различно од актуелниот претседател?

-Во согласност со  моите надлежности како претседател, мојот фокус ќе биде насочен кон  охрабрување и поттикнување на општествено-политичките чинители со цел создавање услови за креирање систем во кој граѓаните ќе се чувствуваат еднакви, сигурни и почитувани. Политичката борба на партиите како да заборави да го стави во прв ред граѓанинот и системот во негова служба, а наместо тоа имаме општество во кое граѓанинот е невидлив во системот. Иако според нашиот систем на управување претседателот има ограничени можности во поглед на своето делување доколку имаме в предвид дека ние сме парламентарна демократија, проактивното и промислено делување на претседателот може да биде клучно за општествената кохезија, а неговата реална визија за државата може да поттикне многу позитивни промени кои би можеле да ги охрабрат другите политички инстанци да работат во таа насока.

Промовирањето на дијалогот помеѓу најважните политички фактори и изнаоѓање креативни решенија во кои претседателот ќе има улога на чувар и промотор на политичкиот дијалог преку објективно согледување на процесите водејќи се од интересите на државата, а не од интересите на одредени политички субјекти во голема мерка би придонело кон релаксирање на односите помеѓу политичките партии кои имаат дијаметрално спротивставени ставови.

Моето искуство како граѓански активист, но и личност која доаѓа од приватниот сектор значително би помогнало полесно да би препознаам аномалиите на системот и да реагирам во согласност со моите овластувања со цел создавање можности граѓанинот да биде во фокусот.

Се води дебата за избор на претседател на државата во Собранието со 2/3 мнозинство. Каков е вашиот став по ова прашање?

-Избор на претседател во Собранието би бил премногу посреден начин на избор кој би го карактеризирал дневнополитичкиот пазар на големите коалиции, но не и директната волја на граѓаните. Токму мојата кандидатура за претседателка на државата и моменталната трка за потписи го потврдуваат фактот дека системот веќе е направен за помалите да имаат тешкотии при кандидирање, а со нов систем со гласање во Собрание шансите на граѓаните за свој кандидат и за излегување од веќе видените личности на политичката сцена би бил еднаков на нула. Затоа, се залагам и за додатно прегледување на досегашниот систем во корист на поголема демократизација на државата и поголема правична застапеност на помалубројните заедници во во сите нивоа на изборниот систем.

Првпат се отвора шанса за избор на претседател на земјава од различен етникум. Може ли по ваше мислење овие избори да бидат историски во тој контекст?

-Повеќе би рекла дека е шанса за претседателски кандидат од страна на помалубројните заедници, бидејќи одамна имаше кандидат од етничко албанско потекло. Ние, помалубројните заедници сме во понезавидна во однос на правично учество на претседателските избори, иако Уставот вели дека секој граѓанин има право да бира и да биде избран, не дефинирајќи некој од народите спомнати во Уставот. Тука е тој историски момент, да бидам прва кандидатка од помалубројните заедници и да го пренесам искуството на тешкотиите и системските препреки поставени кон нас за потешко остварување на ова уставно право. Вториот историски момент самата кандидатура од редот на Бошњаците како народ е историски чин, бидејќи е прва во историјата на Македонија, а одекна многу силно како вест во регионот.

Каква улога треба да игра претседателот на земјава во сегашната политичка ситуација, каде повторно се обидува да се направи поделба меѓу граѓаните, но и со безбедносните предизвици кои не опкружуваат – и во соседството и во Европа?

-Функцијата претседател е претставник на сите граѓани во земјата, а не нивен владетел. Затоа мора да е инклизувен во однос на различностите кај граѓаните и да е фактор за единство и стабилност. Не смее да потпадне под влијание на дневнополитичките политиканства и обиди за раздор меѓу граѓаните, користени во минтото но и сега од одредени политички субјекти. Дури и во однос на регионалните и на европските безбедносни предизвици, претседателот мора да се придржува до политиката на своите стратешки партнери, НАТО партнери и надворешната политика на ЕУ. Промовирањето на дијалогот помеѓу најважните политички фактори и изнаоѓање креативни решенија во кои претседателот ќе има улога на чувар и промотор на политичкиот дијалог преку објективно согледување на процесите водејќи се од интересите на државата а не од интересите на одредени политички субјекти во голема мерка би придонело кон релаксирање на односите помеѓу политичките партии кои имаат дијаметрално спротивставени ставови.

Техничката влада за спроведување избори веќе ,,функционира”.  Каков изборен процес очекувате?

-На јавната политичка сцена речиси секогаш во предизборието преовладува наративот дека токму овие се историски, референдум да не биде или не и почнуваат поделбите на условно кажано „наши и ваши“. Оттука, во недостаток на реални решенија, кои неретко се и тешки и непопуларни за имплементирање, од кујните на политичките партии излегуваат  „рецепти за дисквалификација“ на луѓе кои што размислуваат поопсежно и во своето делување покажуваат интерес кон граѓанската , а не само кон партиската ориентација. Исто така, тајминот на парламентарните и претседателските избори се совпаѓа, што за жал, за големите политички партии се испоставува да е само мотив повеќе да ја вклучат својата „машинерија“ во функција на политичко елиминирање на политичката конкуренција и тоа го прават бескомпромисно. А кога ќе заврши изборниот процес, тогаш, сведоци сме во минатото, таквите процеси стиивнуваат, но за жал последиците остануваат. Оние што биле етикетирани потенцилано стануваат и предмет на општествена стигматизација од невидени размени. Тоа е непоправлива штета што им се нанесува на учесниците во политичкиот и јавниот живот а кои не се по мерка на партиите кои ја имаат моќта. Од сето ова, насетувам можност за обиди за бројни прекржувања на изборниот процес во името на партиската битка да се биде или не. Затоа, мојот апел до сите политички чинители е да постапуваме водејќи се од пошироките интереси а не од тесно-партиските. Само со негувањето на политичкиот плурализам, негувањето на културата за дебата и соочување со различни мислења и ставови на граѓаните ќе можеме да им понудиме поквалитетна политичка понуда, а со еднакви можности за наше представување пред електоратот ќе бидеме во можност да ги информираме граѓаните, за да на крај тие да можат правилно да расудуваат.  Се останато на долги патеки е штетно од многу аспекти и за општеството и за државата. Сепак, ништо од ова мене нема да ме поколеба во борбата на најдобар можен начин да се представам пред граѓаните и да бидам глас на сите оние кои во мене гледаат кандидат кој ги обединува граѓанските вредности, без оглед на верската, етничката, расната и било каква припадност. Крајно време е да создадеме амбиент во кој политиката ќе биде перцепирана како одговорна, чесна и вредна работа, а не како нешто што е резервирано само за оние кои се немилосрдни во борбата по моќ и профит.

Како ги оценувате меѓуетничките односи во моментов, гледате ли можност за ескалација пред изборите?

-Она што постојано ни се наметнува во јавниот наратив е дека различностите на нашите граѓани, пред се мислам на етничките и верските различности, се некој фактор на поделба во општеството. Но реалноста покажува сосема друго. Само доколку погледнеме малку повнимателно, но и подалеку во соседството и во земјите на ЕУ чија членка се стремиме да бидеме, луѓето се обединети во различностите и само така тие се среќни, сигурни и успешни. Но ние на овие простори сме вистински пример на обединетост во различностите и тоа со векови наназад. Само треба малку политичка волја и промоција на тие вредности. Убавината е во различностите. Само е важно тој мозаик да го креираат граѓаните, а не да го наметнува дневната политика поради потребата од ефтини политички поени и политиканство.

Н.П.

Слични содржини