Николовски за „27 април“: Со саати бевме без светло, неверувајќи дека ќе излеземе живи зошто сите информации покажуваа дека нема да има разум и дека ниту македонската полиција нема да реагира

„Ако некој ветил и сака да ги помилува тие што го направија упадот, тогаш нема што повеќе да зборуваме за владеење на правото и правна држава“, вели пратеникот за „Локално“ за настаните од пред девет години

од Nikola Popovski
2,K прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

„За 27 април зборуваат фактите и тоа што го видоа граѓаните, а го доживеавме ние што бевме внатре и цел на ликвидација. Со саати без светло, неверувајќи дека ќе излеземе живи зошто сите информации покажуваа дека нема да има разум и дека ниту македонската полиција нема да реагира“, вака вели за „Локално“, пратеникот Љупчо Николовски за настаните во Собранието во 2017 година, познати како „Крвавиот четврток“.

Како што потенцира Николовски, снимките од ова насилство ги виде и осуди демократскиот свет. Запрашан како гледа на настаните од денешна гледна точка и дали настанот го промени целосно политичкиот пејсаж на Македонија, соговорникот посочува дека „ако ова јасно рушење на уставниот и демократскиот поредок, може некој поинаку да го гледа тогаш тоа е потврда на денешното движење на Северна Македонија во спротивен правец од ЕУ“.

-Но секако после 27 април и годините што следеа беа години на силен напредок на меѓународен план и интегративни политики за зокружување на членството во НАТО како стратешка македонска национална цел што ја остваривме. Ако зборуваме правно, ако некои пресуди биле на основа на докази тоа се токму овие“, наведува поранешниот министер за земјоделство.

На констатацијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во 2024 година, додека беше кандидатка за позицијата, најави дека доколку дојде на позицијата претседател на државата, ќе ги помилува осудените, Николовски одговара:

„Ако пак некој ветил и сака да ги помилува тие што го направија ова, тогаш нема што повеќе да зборуваме за владеење на правото и правна држава. Тоа исто така во овој временски контекст се поклопува со траекторијата на нашата денешна политика – без визија и цели, да се прави се за да не станеме дел од ЕУ, да не се носат уставните измени, да немаме европски реформи и да не градиме систем односно да го трошиме времето на идните генерации. И за се тоа да е виновен некој друг“.

На деветгодишнината од упадот во Собранието, осудени за настаните од „27 април“ ѝ поднесоа кривична пријава на поранешната обвинителка Вилма Русковска. Со нови докази доставени до Основното јавно обвинителство, осудените ќе докажуваат дека случајот е монтиран.

-Сведок потпишал нотарска изјава во која тврди дека дал лажен исказ на судењето за крвавиот четврток бидејќи од поранешната обвинителка Русковска и брат на висок функционер му било ветено дека ќе му биде олеснета постапката за други предмети, вели Јане Ченто. Од државниот јавен обвинител, Ненад Савески бара итна реакција во спротивно најави оти доказите ќе ги објави во јавноста.

Русковска ги отфрли обвинувањата на Ченто. Тврди истрагата се вршела врз основа на докази и факти, а повисоките судови се тие коишто носат пресуда. Дека процесот за 27 април бил политички монтиран, смета и премиерот Христијан Мицкоски кој вели оти обвинетите не требале да одговараат за тероризам.

За СДСМ 27 април останува најцрниот ден во историјата, ја обвинија власта дека сака да ги рехабилитира насилниците.

За настаните во македонското Собрание осудени беа 16 лица, добија над 200 години затворска казна, најголемата во траење во 16 години му беше досудена на поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков.