Согласно член 153 од Закон за енергетика, Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ како регулиран производител на топлинска енергија е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет, соопштија од БЕГ.
Оттаму додадоа дека според таа обврска, нивната компанија, секоја година објавува јавен повик за набавка на алтернативно гориво, кое би се користело исклучиво во случај ако има прекин на испорака на природен гас за работа на топланите.
– Досега, од 2013 година кога целосно се гасифицирани топланите со кои управува Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, не е потрошен ниту еден кг мазут, ниту пак во одлуките за цена за греење донесени од страна на Регулаторната комсија за енергетика и водни услуги се одобрени трошоци за набавка на мазут, потенцираа од БЕГ.
Оттаму истакнаа дека склучената рамковна спогодба за набавка на алтернативно гориво е реализирана после два неуспешни јавни повици за набавка на алтерантивно гориво.
– Таа е необврзувачка за Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и нема никакви финансиски импликации доколку не се набави гориво по истата, односно доколку нема прекин на испорака на природен гас до топланите, нагласија од БЕГ.
Имено, од БЕГ реагираа откако ТВ21 објави дека само ден пред преземањето на управувањето на топлинската енергија од ЕСМ, компанијата БЕГ склучила договор во вредност од 40 милиони евра за набавка на 52.1 милиони килограми мазут со фирмата РКМ на бизнисменот Ратко Капушевски. Договорот бил постигнат преку рамковна спогодба на 20 јануари годинава по цена од 39.26 денари за килограм мазут, без објавување оглас, јави телевизијата и додава дека она што предизвикува сомнеж е и тоа што само ден пред да се склучи договорот со БЕГ односно на 19 јануари, Капушевски регистрирал подружница складиште на мазут.