Албанскиот претседател Бајрам Бегај ја поздрави, како што наведува во објава на Фејсбук, „постигнатата јавна согласност меѓу Косово и Србија и посветеноста за спроведување на основниот договор и соодветниот анекс“.
Според него, овој договор е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот во Европската унија.
-Го поздравувам постигнувањето во Охрид, Северна Македонија, постигнатата јавна согласност меѓу Косово и Србија и посветеноста за спроведување на основниот договор и соодветниот анекс. Овој договор е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот во Европската унија. Верувајте дека гарантите на овој договор ќе го направат обврзувачки и спроведлив за страните. Им благодарам на Европската унија за посредувањето и на САД за силната поддршка, пишува Бегај.
Околу Анекс договорот за нормализација на меѓусебните односи на Србија и Косово свои оценки изнесоа и повеќе албански политичари, меѓу нив и поранешниот шеф на дипломатијата и екслидер на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, според кого Курти покажал лидерство, но изразува жалење што Србија не потпишала.
-Косово и Србија во Охрид направија важен чекор на патот на соработката и евроинтеграциите. Косово под водство на Албин Курти уште еднаш покажа дека е на маса со конструктивност и волја да потпише договор кој му служи на Косово, но и на регионот и на самата Србија да отвори нова страница на мир и стабилност. Штета што Србија повторно одби да го потпише овој договор и се надевам дека немањето потпис нема да послужи како изговор за одложување на спроведувањето на договорот, пишува меѓу другото Баша.
Претходно, постигнатото во Охрид го коментираше и премиерот Еди Рама, кој изрази надеж дека договорот нема да биде „уште една балканска измама“.
„Да се надеваме дека ѓаволот не е во деталите и дека договорениот, но непотпишан договор, не е уште една балканска измама! Во спротивно, ова би било историско достигнување што би ја навестило долгоочекуваната пролет во односите меѓу двата најголеми балкански народи. И, искрено да им честитаме на четворицата протагонисти на охридската трпеза, посакувајќи наскоро договорот да се претвори во нова неповратна реалност меѓу Косово и Србија, Албанците и Србите, Западен Балкан и Европската унија“, напиша Рама на Твитер.