Двајца Руси се приведени во САД откако на Алјаска, на островот Св. Лоренс, илегално пристигнале на мал брод од Русија, пишува Би-Би-Си.
Американските сенатори од Алјаска потврдија за медиумите дека мажите стигнале на плажата во близина на селото Гамбел и дека побарале азил во САД. Нивното барање се обработува.
Местото Гамбел е дом на помалку од 500 жители и се наоѓа на околу 70 километри од полуостровот Чукчи во Русија. Во превод тоа е поблиску до Русија отколку кон копното на Алјаска, пишува Би-Би-Си.
„Двајцата мажи велат дека отпловиле од Егвекинот во северозападна Русија. Тоа е патување од околу 480 километри. Во меѓувреме тие биле префрлени од островот Сент Лоренс во Енкориџ“, јавуваат локалните медиуми.
Сенаторот од Алјаска Ден Саливан рече дека ова е доказ дека Русите не сакаат да ја водат војната на Путин, но ги повика властите во Вашингтон да ја зајакнат безбедноста во оваа сојузна држава.
Руските медиуми исто така ја објавија веста за бегството на двајцата мажи со брод во САД. Тие тврдат дека мажите не побегнале таму поради мобилизацијата.
„Тие не побегнаа од воениот повик, туку од друга причина – за да избегнат одговорност за одредени дејствија на територијата на Руската Федерација, одлучиле да се сокријат“, изјавил извор за руски РИА Новости.
Тој додал дека едниот „бегалец“ има обвиненија за дрога и дека целта на мажите е да ги решат своите парични проблеми во САД.