Албанскиот претседател Бајрам Бегај објави на социјалната мрежа X заедничка фотографија од самитот на процесот Брдо-Бриони, направена пред почетокот на пленарната седница.
„Заедно на Самитот на процесот Брдо-Бриони, важна платформа за регионална соработка за унапредување на европската интеграција на Западен Балкан“, напиша тој покрај фотографијата.
Самитот на процесот Брдо-Бриони се одржува денес во Драч, чии домаќини, покрај Бегај, се и словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
На самитот учествува и македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова.
Бегај претходно изјави дека Албанија силно ја поддржува регионалната соработка и забрзувањето на европската интеграција на Западен Балкан.
Тој ја нагласи важноста на оваа платформа како клучен механизам за промовирање на регионалниот дијалог, зајакнување на добрососедските односи и забрзување на процесот на интеграција кон Европската Унија.
„Албанија, како земја домаќин на овој самит, високо ја цени улогата на иницијативата Брдо-Бриони во продлабочувањето на регионалната соработка и промовирањето на заедничка европска визија за целиот наш регион“, рече тој.
Тој ја потврди посветеноста на Албанија да ја поддржи секоја иницијатива што придонесува за стабилноста, развојот и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, објавува „Албански пост“.
Се очекува самитот да заврши со заедничка прес-конференција на тројцата претседатели – Бегај, Пирц Мусар и Милановиќ, на која ќе бидат објавени конечните заклучоци од состанокот.