Докторот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, кој е и член на Комисијата за заразни болести во врска со минатонеделниот штрајк на матичните лекари, вели дека примарната здравствена заштита е фундаментот на една држава.
Неговиот коментар ви го пренесуваме во целост:
-Сите верувам ќе се сложиме дека темелот на здравствениот систем е примарната здравствена заштита (ПЗЗ), а здравството е фундаментот на една држава.
Секоја куќа, колку и да има убава фасада, ако темелот нема добра арматура, при првиот појак земјотрес ќе се сруши.
А ние имавме многу здрава “здравствена куќа” АМА ….. 30 години упорно ја руинираме, а божем ја реновираме, модернизираме, “европеизираме”.
Најголемиот удар на здравствениот систем, барем според мене, беше одлуката за приватизација на ПЗЗ и давањето под концесии на постојните ординации.
Во тој момент од вредните лекари во општите ординации, создадовме во исто време и менаџери и концесионери и работодаватели и сметководители и правници и економисти, а најмалку горди доктори.
А секогаш кога не го работиш тоа што најдобро го знаеш и највеќе сакаш, има НЕЗАДОВОЛСТВО и НЕЗАДОВОЛНИ.
Во моментов имаме незадоволни матични лекари (оправдано), незадоволни пациенти (оправдано), меѓуколегијално нетрпеливост на колегите од примарно, секундарно и терциерно здравство (очекувано).
Во моментов има околу 1450 матични лекари, односно околу 1:1200 пациенти.
Овој број на матични лекари можеби делува оптимален, но приватизацијата доведе до тоа амбуланти да се отвараат само на “атрактивни локации” каде може да се приграби голем дел на пациенти, а руралните здравствени станици и во помалите населени места останаа празни.
А можеше и се уште може поинаку и ПЗЗ да се стави во целосно владение на ЈАВНОТО здравство, за ОПШТО ДОБРО !!!!
Студиите на медицинските факултети, се меѓу најскапите студии и затоа секоја држава се труди да го задржи овој скап производ, во кој државата вложува многу пари.
Затоа оправдано би било секој запишан студент да потпише изјава дека ќе остане во јавното здравство барем 6 години колку што траат студиите, или ќе ги врати сите пари вложени во неговото образование.
Веднаш по дипломирањето да се упати да работи во ПЗЗ, каде низ МК ќе има потреба, три години, секако за пристојна плата која не би требало да е пониска од 60.000 денари, а не како понижувачките огласи кои сега кружат за работа во ПЗЗ.
За работа вон местото на живеење и во руралните средини би следувал дополнителен бонус од 30-40%.
На крајот од третата година да се изведе тестирање и тие со најголем број на бодови да се упатат на бесплатна специјализација, по која ќе се обврзат да работат најмалку уште 8-12 години во јавното здравство во зависност од траењето ба специјализацијата.
Тие кои нема да успеат да влезат во квотата за специјализации на истекот од третата година, да им се обезбеди специјализација по семејна медицина по шестата година работа, со истите обврзувачки услови.
На овој начин најдобрите студенти ќе ни останат во Македонија, (барем 6 години), 80% од потребните здравствени услуги ќе се завршуваат кај матичниот лекар, ќе постои мотив за континуирана едукација, ќе има многу позадоволни пациенти, бидејќи во секое катче од Македонија во близината на својот дом, ќе се добива подеднакво квалитетна услуга.