Бектеши на средба со амбасадорите и директорот на ЦЕФТА, Џикиќ

од Andreja Salpe
141 прегледи

Слободното движење на стоките, слободна трговија со услугите, отстранување на пречките во трговијата со стоките и услугите, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на структурите се главните приоритети на македонското претседавање со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година.

„Примената на ЦЕФТА договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на Заедничкиот регионален пазар 2021-2024, се основи врз кои се темели македонското претседавање со ЦЕФТА“, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната презентација на програмата за претседалелството на ЦЕФТА од страна на Северна Македонија пред генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, амбасадорите на земјите членки на ЦЕФТА и претставници од Европската комисија во Брисел.

Министерот Бектеши информираше дека клучниот столб на нашето претседавање е трговијата, а овој столб има главна цел олеснување на слободното движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу земјите на ЦЕФТА со цел да се овозможи просперитет и благосостојба за сите граѓани.

„Како еден од приоритетите на претседавањето се и преговорите и склучувањето на Дополнителниот протокол 7 за решавањето на споровите со кој ќе се создаде правна рамка за решавање и елиминирање на трговските бариери меѓу членките на ЦЕФТА“  кажа министерот и додаде дека во олеснувањето на трговијата со стоки, ќе се фокусираме на заемно признавање на трговските документи, поедноставување и усогласување на процедурите и понатамошно усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ.

Како дел од активностите кои ќе се превземат оваа година под нашето претседателство ќе биде и продолжување на функционирање на Зелените  коридори  за полесно транзитирање на стоки низ регионот како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ земји.

Слични содржини