Министерството за економија објави три јавни повици за субвенции за микро, мали и средни компании за занаетчии и за дигитализација за женско претприемништво.
Како што објави на својот Фејсбук профил министерот за економија Крешник Бектеши со јавниот повик за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија ќе се кофинансираат 40% од докажаните трошоци направени за набавка на машини, но не повеќе од 250.000 денари по барател. За оваа мерка се предвидени средства во вкупен износ од 43.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за набавка на машини настанати во 2022 и 2023 година.
Со јавниот повик за субвенционирање на занаетчии ќе се кофинансираат 40% од докажаните трошоци направени зa набавка на машини и алати, но не повеќе од 100.000 денари по барател.За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 5.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за набавка на машини и алати настанати во 2022 и 2023 година.
Со јавниот повик за субвенционирање на женско претприемништво за дигитализација на деловни процеси се субвенционираат претпријатија во сопственост на жени (над 50 %) и управувани од жени, кои вработуваат најмалку две лица (сопственичката на претпријатието и еден вработен), преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 100.000 денари по барател, направени за: развој или набавка на дигитални решенија и технологии со цел дигитална трансформација на деловните процеси или производство и/или имплементација, адаптација и интеграција на дигитални решенија и технологии.
За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 2.000.000 денари. Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2022 и 2023 година. Крајниот рок за аплицирање по овие јавни повици е до 30.06.2023 година.
Линк од огласот за субвенции за микро, мали и средни компании: https://www.economy.gov.mk/mk-MK/news/javen-povik-za-subvencionirane-na-mikro-mal.nspx
Линк од огласот за субвенции за занаетчии и вршители на занаетчиска дејност: https://www.economy.gov.mk/mk-MK/news/javen-povik-za-subvencionirane-na-zanaetc.nspx
Линк од огласот за субвенции за женско претприемништво за дигитализација на деловни процеси: https://www.economy.gov.mk/mk-MK/news/javen-povik-za-subvencionirane-na-zensko-pretpriemnisvo-za-digitializacija-na-delovni-procesi.nspx