Бела куќа: Иранските војници им помагаат на руските сили на Крим

од Nikola Popovski
171 прегледи

Ирански војници се на Крим, каде им помагаат на руските сили да извршат напади со беспилотни летала од иранско производство врз Украина, објави Белата куќа.

– Денеска можеме да потврдиме дека руските војници со седиште на Крим управувале со ирански беспилотни летала и ги користеле за напади во Украина, вклучително и врз Киев во последните денови – изјави Џон Кирби, директор на Советот за национална безбедност на американското претседателство.

– Проценуваме дека ирански војници биле на терен на Крим и дека и помогнале на Русија во тие операции. Немам број на Иранци кои се на Крим – рече тој, навестувајќи дека тие се уште се таму, заедно со руските сили.

Кирби рече дека Русија досега добила десетици „дронови“ и ќе продолжи да ги прима, и истакна дека САД стравуваат дека Русија сега можеби се обидува да добие иранско конвенционално оружје, како што се ракетите земја-земја за употреба во Украина.

Кирби прецизираше дека Иранците во Украина се техничари и учители и дека руските војници извршиле напади со „дронови“ кои сериозно ја оштетиле украинската инфраструктура.

– Техеран сега е директно ангажиран на терен – рече тој.

– САД ќе направат се за да ги обелоденат тие испораки на оружје, да ги одвратат и да се борат против нив – додаде Кирби и рече дека САД ќе продолжат строго да применуваат санкции против продажбата на оружје на Русија и Иран.

Слични содржини