Белата куќа изнесе нови проценки: Русија во Украина од декември имала 20.000 загинати

од Stefanija Kuzmanovska
219 прегледи

Белата куќа претстави нови проценки за загубите на Русија во украинската војна, според кои само од декември минатата година имала 100.000 настрадани, од кои 20.000 загинати, додека Украинците успеале да спречат голем напад на руските сили на истокот на својата земја.

Во исцрпувачката војна која Русија ја води со распоредување на огромна маса против своите противници, најжестоките битки се водат во регионот на Доњецк, каде руските платеници и војници се борат да го опколат Бахмут и да ја уништат непопустливата украинска одбрана на градот.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека проценките за руските загуби се засноваат на новото декласифицираното американско разузнавање. Сепак, тој не кажа како разузнавачите ги формирале тие проценки.

Борците на руската платеничка формација „Вагнер“ и руските војници се борат со украинските војници од куќа до куќа за да воспостават контрола на „патот на животот“ – последниот пат кој води од Бахмут кон западот на Украина, кој е клучен за снабдување на бранителите со жива сила и муниција. Двете страни тврдат дека последниве денови имале успех на тој план.