Полската армија ја демантираше веста дека белоруски воени хеликоптери денеска влегле три километри во полскиот воздушен простор и на вознемирените селани во областа Бјаловиежа им кажале дека станува збор за патролни летови кои ги најавила Белорусија.
„Полскиот воздушен простор не е нарушен. Полската армија гарантира дека ниту еден хеликоптер не ја поминал границата. Белорусите предупредија дека нивните патролни летови ќе се одвиваат во близина на границата до 18:00 часот денеска“, соопшти полската армија.
Очевидци на социјалните мрежи со видео снимки тврдат дека белоруски хеликоптери влегле на 3 километри длабоко во полска територија и се вратиле назад, наводно летајќи над покривите на куќите.
Во демант, полската армија предупреди дека дури и кога видливоста е добра, на набљудувач од земја може да му се чини дека хеликоптерите веќе се во Полска, но дека тоа не е регистрирано од полските воени радари.
Тензиите на границата со Белорусија се зголемија откако руската платеничка група „Вагнер“ се пресели во Белорусија по неуспешниот бунт, а околу 100 од нејзините неколку илјади војници деновиве се најдоа на само 25 километри од границата со Полска.