Британецот Бен Инс, кој си направи селфи со киднаперот на авионот на EgyptAir, изјави во интервју дека имал јасна цел и сакал на тој начин да го спаси животот на патниците, пишува Daily Mail.
Бен Инс учествуваше во “Добро утро Америка”, каде кажа дека се надевал да го предомисли Сеиф ад Дин Мустафа и да не се саморазнесе. Идејата му била да поразговара со него и дури да се сликаат заедно.
“Сакав да го натерам да разбере дека и јас сум човек, а не безимена жртва. Јас сум вистински жив човек”, коментира Инс.
Британецот е еден од четворицата патници кои беа земени во заробеништво од Мустафа, откако авионот слета во Кипар. Подоцна властите открија дека елекот со експлозив кој киднаперот го носел, бил лажен.
Инс, кој првично верувал дека уредот е вистински, изјави дека ја користел можноста додека се сликале за да го разгледа елекот подобро.
“Сакав да видам дали има и други оружја. Ако умирам, јас ќе умрам без страв. Не жалам за активностите кои ги преземав на авионот”, дополни тој.
