„Bentley Motors“ планира да инвестира 2,5 милијарди фунти (околу 3,4 милијарди долари) во следните 10 години во производство на луксузни, целосно електрични автомобили, објави денеска британскиот производител на возила со традиција од 102 години.
Инвестицијата ќе вклучува истражување и развој и значајна модернизација на историскиот фабрички кампус на „Bentley“ во Кру (Англија) до 2032 година, се вели во соопштението на компанијата.
Производствениот камп Кру е единствената фабрика за склопување на „Bentley“ на глобално ниво.
„Bentley“, кој е во сопственост на германски VW, објави план за електрификација на возилата во 2020 година како дел од својата програма за трансформација „По 100-тата“, која вклучува и постигнување целосна јаглеродна неутралност на производството до 2030 година, а сега за прв пат ја откри количината на инвестиции.
Првото електрично возило „Bentley“ треба да излезе од производствената лента во 2025 година, се прецизира во соопштението.
Ова е голем чекор напред за британскиот производител на автомобили, кој е познат по своите ултра луксузни возила со мотори со осум цилиндри и 12 цилиндри кои чинат неколку милиони долари, наведува „CNBC“.
За разлика од многу главни производители на автомобили, „Bentley“ ќе се потпира на хибридни електрични возила за време на транзицијата кон електрифицирани модели, а од 2026 година има намера да нуди и целосно електрични автомобили.
Компанијата објави дека продала 14.659 возила минатата година, што е за 31 отсто повеќе во однос на 2020 година, која забележа рекордна продажба од 11.206 автомобили и СУВ возила, и покрај глобалната криза со недостиг на чипови.