Бербок: Германија ќе испрати дополнителни 150 војници во мисијата на НАТО во Косово

од Radmila Tasevska

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел изјави дека нејзината земја ќе испрати дополнителни 150 војници на Косово.

– На Западен Балкан мирот често виси на конец. Обврските на НАТО и ЕУ одат рака под рака. Мисијата ЕУФОР обезбедува безбедност во Босна и Херцеговина, а НАТО КФОР на Косово. Германија ќе обезбеди до 150 дополнителни војници за КФОР, рече Бербок.

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел изјави дека Косово и Србија биле теми на разговор на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Како што пренесува Бета повикувајќи се на приштински медиуми, тој ги повика Косово и Србија да создадат услови за спроведување на договорот.

– Ги повикуваме Косово и Србија да ја зголемат својата волја да се договорат за нивниот европски пат, рече Борел.

Според него, соработката на ЕУ и НАТО на Косово е од витално значење за ситуацијата на северот на Косово. Борел додаде дека ќе продолжат да обезбедуваат стабилност во овој дел на Косово и на административната линија со Србија.

Слични содржини